Дали се подготвува повторно активирање на ТЕЦ Неготино?

„Мазут“

Рацин.мк неофицијално дознава дека се разгледува можноста за повторно активирање на ТЕЦ Неготино. Засега нема официјална потврда дека е донесена одлука, ниту е познато кога електраната би можела да почне со производство на струја.

Високите цени на струјата во регионот се една од можните причини за разгледување на оваа опција. На унгарскиот пазар HUPX, кој служи како регионален ценовен репер, просечната цена за испорака на 10 ноември 2026 година изнесуваше 400,29 евра за мегават-час, наспроти 373,20 евра претходниот ден. Највисоката цена, од 562,88 евра/MWh, важеше за 15-минутниот интервал од 15:45 до 16:00 часот.

На македонската берза МЕМО, дневниот просек за истиот ден изнесуваше 349,49 евра/MWh, наспроти 364,97 евра на 9 ноември.

Колку би чинело производството на мазут

ТЕЦ Неготино е електрана на мазут со инсталиран капацитет од 210 мегавати според податоците на Регулаторната комисија за енергетика. По 2009 година со години служеше како ладна резерва, а во декември 2021 година беше вратена во производство поради енергетската криза.

До април 2023 година електраната работеше со прекини. Во тој период со еден котел постигнувала просечна моќност од 75 до 90 мегавати, а со два котли од 155 до 175 мегавати, според вештачењето за кое претходно објави Рацин.мк. Според РКЕ, електраната немала производство во 2024 и 2025 година.

За да се утврди дали повторното активирање се исплати, потребна е пресметка на трошокот за еден произведен мегават-час. Во неа влегуваат цената и потрошувачката на мазут, трошоците за стартување и одржување и мерките за контрола на емисиите. Таа цена треба да се спореди со цената по која ЕСМ може да ја набави потребната струја за истите периоди, вклучувајќи ги и трошоците за прекуграничен пренос при увоз.

Што се знае за еколошката дозвола

Согорувањето мазут создава емисии на сулфур диоксид, азотни оксиди и прашина, како и на јаглерод диоксид. Министерството за животна средина го поврзува повторното активирање на ТЕЦ Неготино со растот на вкупните национални емисии на никел во 2022 година. Државниот завод за ревизија, пак, наведува дека според тогашните мерења од акредитирано тело, емисиите што биле мерени на постројката биле во дозволените граници.

Според Државниот завод за ревизија, А-интегрираната еколошка дозвола издадена во јуни 2019 година имала важност од пет години. Министерството објавило и решение за пренос на дозволата на АД ЕСМ. Останува да се потврди дали дозволата е обновена и кои услови за работа и мерење на емисиите би важеле при повторно пуштање на електраната.

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?