Педесет маршеви. Педесет пати истата болка, истите фотографии и истото барање за правда. Од улиците на Кочани до плоштадот, Собранието и Судот во Скопје, родителите на загинатите во „Пулс“ чекореа со фотографиите на своите деца, барајќи вистина, правда и одговорност. Во сабота ќе чекорат по 51. пат, со порака што ја надминува нивната лична болка, ниту еден друг родител да не мора да го прави истото.
Новиот „Марш на ангелите“ е закажан за сабота, 14 ноември, во 16:05 часот, со почеток во Паркот на револуцијата во Кочани. Семејствата на 63-те жртви од пожарот во дискотеката „Пулс“ повторно ќе побараат правда, одговорност и вистински промени што ќе спречат нови трагедии.
„Не сакаме повеќе минути молк! Сакаме години на одговорност, совесно работење и вистинска превенција!“, порачуваат од Здружението „16 март 2025“.
Зад овој повик стојат родители за кои животот засекогаш се промени на 16 март 2025 година. Родители кои наместо да ги гледаат своите деца како растат, создаваат семејства и ги остваруваат своите соништа, денес ги носат нивните фотографии низ улиците, барајќи одговори за трагедијата што им ги одзеде најмилите.
Но нивниот повик овојпат е поширок. Тој не се однесува само на Кочани, ниту само на трагедијата во „Пулс“. Упатен е до сите граѓани, до институциите и до општеството во целина, со порака дека ниту една друга трагедија не смее да стане причина за нови фотографии во рацете на ожалостени родители.
„Различни трагедии. Различни семејства. Иста болка. Иста борба за правда“, се наведува во повикот.
Семејствата прашуваат колку уште мајки треба да ги закопаат своите деца, колку семејства да останат без најблиските и колку трагедии треба да се случат за институциите да почнат да реагираат навреме.
Тие не бараат сожалување, ниту симболични гестови што ќе траат еден ден. Бараат систем во кој човечкиот живот ќе биде заштитен, законите ќе се почитуваат, а одговорноста нема да се бара дури откако ќе се случи најлошото.
Родителите нагласуваат дека не бараат пресуди на улица, туку правда во судниците, одговорност од институциите и конкретни мерки за спречување нови трагедии.
„Зашто денес ние чекориме со фотографиите на нашите деца, а утре не смее ниту еден друг родител да биде принуден да го прави истото“, порачуваат семејствата.
На претходниот, 50. марш, родителите побараа и поинтензивно одвивање на судската постапка, со повеќе од десет рочишта месечно, како и јасни одговори за постапките поврзани со трагедијата. Нивната борба за утврдување на одговорноста продолжува и надвор од судниците.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“, на 16 март 2025 година, загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени. Зад овие бројки останаа семејства чии животи се поделени на два дела – пред и по трагедијата. Останаа празни детски соби, недовршени планови, родендени без славеници и родители кои сè уште чекаат одговори.
Во сабота Кочани повторно ќе чекори. По 51. пат, со истата болка, но и со порака што треба да допре многу подалеку од градот.
Зашто ниту една фотографија не може да ја замени прегратката на дете. И ниту еден родител не треба да биде принуден да го помине остатокот од животот борејќи се за правда наместо да го гледа своето дете како расте.

