Најмалку 300 училишта низ Италија денеска се евакуирани по добиени заканувачки пораки за поставени бомби, соопшти италијанскиот министер за образование Џузепе Валдитара. Надлежните власти проценуваат дека станува збор за лажни дојави, но бројот на таргетирани образовни установи сè уште расте.
Министерот за образование Џузепе Валдитара во изјава за телевизијата „Ла7“ посочи дека масовноста на заканите сама по себе укажува на нивната неверодостојност. Сите ученици од засегнатите објекти веднаш се префрлени на безбедни локации под надзор на наставниот кадар, по што следат детални полициски проверки.
Заканувачките електронски пораки биле испратени со идентична содржина, а како потписник е наведено името „Михаил Андропов, водач на Вилаетот Мизогинистан“.
Истиот потписник претходно презеде одговорност и за слични заканувачки пораки за поставени експлозивни направи што минатиот петок беа испратени до новински редакции во Ирска и во Бугарија.
Италијанската полиција отвори истрага за утврдување на изворот на пораките. Овој безбедносен инцидент доаѓа во период на засилена загриженост во Европа од хибридни закани, кои во изминатите месеци беа насочени кон витални институции, воздухопловниот сообраќај, медиуми и трговски синџири.

