Доминик Алпеза, поранешен член на хрватската владејачка партија ХДЗ, на страницата „Народни репортери“ објави снимка од болничкиот видеонадзор во случајот со смртта на 32-годишниот Кристијан Јосип Периш, пишува „Индекс“. Објавата се појави на 11 ноември, ден откако премиерот Андреј Пленковиќ им рече на новинарите дека снимката ја има на Фејсбук.
Пленковиќ во вторникот изјави дека ја видел снимката откако самиот ја побарал. „Индекс“ наведува дека нема потврда оти видеото било објавено на социјалните мрежи во моментот кога премиерот го кажал тоа. „Јутарњи лист“ на 9 ноември објави фотографии издвоени од снимката и соопшти дека располага со видео долго нешто повеќе од осум минути.
Останува нејасно како Алпеза дошол до видеото и која верзија ја видел Пленковиќ. „Индекс“ побарал од Владата да објасни од кого премиерот ја добил снимката и дали имал увид во оригиналниот материјал од истрагата. Порталот ја прашал и полицијата дали проверува како видеото стигнало до Алпеза. До објавувањето на текстот, порталот немал одговор од Владата.
Четворица медицински техничари се во притвор
Периш почина на 21 октомври во Клиниката за психијатрија „Свети Иван“ во загрепската населба Јанкомир. Семејството поднело кривична пријава на 23 октомври, а полицијата ги презела снимките од болницата на 6 ноември, објави Н1 Хрватска, повикувајќи се на „Индекс“.
Загрепското обвинителство на 8 ноември соопшти дека отворило истрага против четворица медицински техничари поради сомнение за тешко убиство. Според обвинителството, постои основано сомнение дека тие постапиле спротивно на правилата на медицинската струка и со употреба на физичка сила му нанеле повеќе повреди на пациентот. Судот им одреди притвор на сите четворица. Конечната причина за смртта треба да се утврди со дополнителни судско-медицински и токсиколошки вештачења.

