Пензиските друштва против префрлање пари во државниот фонд: Вториот столб не смее да ги плаќа идните дупки

Пренесувањето средства од вториот во првиот пензиски столб ќе значи префрлање на огромни и неодржливи обврски врз државата во иднина, предупредија денеска претставниците на Асоцијацијата на друштвата за управување со пензиски фондови. Челниците на фондовите истакнаа дека математиката е немилосрдна и оти се потребни суштински реформи, а не импровизации кои ќе го нарушат системот.

Одговарајќи на неодамнешните најави за можно повлекување средства од вториот кон првиот столб за да се олесни тековниот буџет, претседателот на управниот одбор на АДПФ Маријан Николовски порача дека целта на воведувањето на капиталниот столб беше токму спротивното – да ја растовари државата од исплатата на идните пензии. Тој нагласи дека секое посегање по овие пари краткорочно ќе ја подобри ликвидноста, но за сметка на тоа ќе му натовари огромен дефицит на државниот фонд за годините што доаѓаат.

Според друштвата, анализите на долгорочната одржливост покажуваат дека просечниот животен век во Македонија е продолжен за приближно три години, додека границата за пензионирање остана непроменета. Наместо префрлање на парите во државната каса, од Асоцијацијата предлагаат комбиниран сет мерки што рамномерно ќе го распредели товарот: постепено усогласување на работниот век (на пример скалесто поместување на 64 години и три месеци), фазно враќање на придонесот за пензиско осигурување кон некогашните 21,2 отсто и усогласување на тековните пензии исклучиво со трошоците за живот.

Членката на управниот одбор, Снежана Станковиќ, подвлече дека вториот столб не е институционален експеримент и дека во моментов управува со 16 отсто од вкупната финансиска актива во државата. Таа потсети дека парите на сметките се личен имот на граѓаните, кој секојдневно е достапен на увид и во целост се наследува, што гарантира правичност и доверба во системот. Станковиќ додаде дека минималните пензии се социјална мерка која државата мора да ја обезбеди преку социјалната заштита, а не да го нарушува осигурителниот баланс каде пензијата зависи од тоа колку поединецот уплатил.

Потпретседателката на одборот, Весна Стојановска, посочи дека за две децении фондовите остварија просечен номинален принос од 5,5 отсто, односно реален принос од 2,3 отсто, што значи раст на реалната куповна моќ од 58 отсто за оние што уплаќаат од 2006 година. Вкупниот принос што друштвата го остварија изнесува 1,25 милијарди евра. Според Стојановска, со донесувањето на Законот за мултифондови и новите лимити за инвестирање, се очекува приносите да се зголемат за дополнителни 1,5 до 2 процентни поени.

Од Асоцијацијата порачаа дека тие не носат политички одлуки, но бараат активно учество во јавните дебати, со цел реформите да се темелат на економски параметри, а не на политички прелевања што ќе го доведат во прашање стандардот на идните пензионери.

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?