„Фајзер“ обезбеди до 1,5 милијарди долари од „Блекстоун“ за развој на нов лек против дебелина

Фото: Flickr/Dr Korom

Американскиот фармацевтски гигант „Фајзер“ (Pfizer) соопшти дека инвестициската компанија „Блекстоун“ (Blackstone) ќе обезбеди до 1,5 милијарди долари до 2028 година за финансирање на развојот на експериментален месечен третман против дебелина. Лекот беробенатид (berobenatide) останува во целосна сопственост и под оперативна контрола на „Фајзер“.

Според договорот објавен во среда, „Блекстоун“ ќе има право на исплати засновани на исполнети развојни и комерцијални цели, но нема да добие сопственички удел ниту права врз лекот беробенатид. Износот на овие исплати не е јавно објавен.

Исплатите кон инвестицискиот партнер ќе зависат од одобрувањето на американските регулаторни тела за месечно инјектирање на беробенатид како монотерапија за хронично регулирање на телесната тежина, како и од остварувањето на одредени продажни резултати.

Од „Фајзер“ наведуваат дека оваа финансиска конструкција ќе им овозможи поголема флексибилност за инвестирање во поширокото портфолио на лекови од различни терапевтски области, при што компанијата ја задржува целосната контрола врз програмата за развој.

Новоименуваната главна финансиска директорка на „Фајзер“, Сесил Геган, која стапи на функцијата на 1 ноември 2026 година, изјави дека целта на компанијата е да донесе нови лекови до пациентите преку дисциплиниран пристап што ги спојува внатрешните инвестиции во истражување со насочен капитал од надворешни партнери.

„Фајзер“ го стекна кандидатот за лек минатата година преку аквизицијата на биотехнолошката компанија „Метсера“ (Metsera), зделка вредна до 10 милијарди долари. Преземањето беше дел од серијата аквизиции насочени кон надоместување на намалените приходи од производите поврзани со ковид-19 и претстојното истекување на патентите за дел од клучните лекови на компанијата.

Компанијата моментно спроведува и планира вкупно 10 клинички испитувања во трета фаза за беробенатид, а истовремено ја испитува неговата примена и како самостојна терапија и во комбинација со други пептиди.

Ова не е прва ваква соработка меѓу двете компании. Во април 2023 година, „Фајзер“ потпиша сличен договор со „Блекстоун“ вреден до 550 милиони долари за кофинансирање на трошоците за развој на одредени третмани до крајот на оваа година.

По објавата на договорот, акциите на „Фајзер“ забележаа благ раст од 0,2 проценти во продолженото тргување, достигнувајќи цена од 29,52 долари, откако редовното берзанско тргување го затворија на ниво од 29,45 долари.

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?