Јужна Кореја привремено ги исклучува јавните Wi-Fi мрежи во радиус од 100 метри околу центрите каде што ќе се полага приемниот испит за универзитетите. Мерката треба да го отежне испраќањето фотографии од задачите до алатки со вештачка интелигенција и добивањето одговори за време на тестирањето.
Прекинот е предвиден да трае 24 часа, од 18 часот на 18 ноември до 18 часот на 19 ноември, по локално време. Опфатени се јавните и операторските Wi-Fi мрежи во училиштата и нивната непосредна околина.
Над 550.000 кандидати во четврток ќе го полагаат деветчасовниот испит, познат како „Сунеунг“. Во Јужна Кореја тој има големо влијание врз пристапот до престижните универзитети и идните можности за вработување.
Властите најавија и проверки на очилата за да утврдат дали имаат паметни функции, додека копчињата на облеката ќе бидат покриени со налепници поради можноста во нив да се скриени минијатурни камери. Телефоните и другите паметни уреди мора да бидат предадени пред почетокот на испитот.
За откривање непредадени телефони ќе се користат и итни предупредувачки пораки, кои можат да активираат звучен аларм. Дополнително се ангажираат околу 8.400 лица за надзор и откривање недозволени уреди.
Засилените мерки следуваат по признанието на најуспешниот кандидат на годинешниот испит за даночни сметководители дека користел минијатурна камера, телефон и вештачка интелигенција за да дојде до одговорите.
Претседателот Ли Џе Мјунг најави награди од најмалку 100 милиони вони, околу 75.000 долари, за пријавување потврдени случаи на препишување со напредни уреди.

