ЕПП со седум барања до СНС – од прекин на соработката со Путин до процесуирање за Бањска

Вучиќ

Прекин на политичката соработка со Владимир Путин и со радикалите на Воислав Шешељ, соработка при евентуални постапки за „Информер“ и поддршка за процесуирање на главните учесници во нападот во Бањска. Ова се дел од објавените седум барања до Српската напредна странка (СНС) на Александар Вучиќ во документот на Европската народна партија (ЕПП) што го објави српскиот портал Нова.рс.

Документот опфаќа седум области во кои ЕПП бара промени од СНС, која е придружна членка од 2016 година. Претседателството на ЕПП предложи суспензија, а според документот, за предлогот треба да одлучува Политичкото собрание на 8 декември во Брисел. Предвидено е едногодишно следење на исполнувањето на барањата, по што ЕПП повторно би го разгледала статусот на партијата.

Прекин на соработката со Путин и Шешељ

Од СНС се бара да ги прекине политичките врски со Путин и со неговата партија Единствена Русија, да го поддржи усогласувањето на Србија со санкциите на ЕУ кон Москва и да продолжи со поддршката за Украина. Во документот се критикува и приближувањето кон Кина во воената и безбедносната сфера.

ЕПП бара и прекин на политичката и изборната соработка со Српската радикална партија на Шешељ. Според документот, пратениците на радикалите избрани на листата на СНС треба да формираат посебна пратеничка група. Од СНС се бара и да се откаже од политичкото наследство на Слободан Милошевиќ и да престане со величање на осудени воени злосторници.

„Информер“, Нови Сад и Бањска

Во делот за слободата на медиумите, ЕПП ги посочува „Информер“ и „Информер ТВ“ и бара СНС да соработува доколку српскиот регулатор за електронски медиуми отвори постапки. Од партијата се очекува и да престане да ги користи „Раша тудеј“ и „Спутник“ како платформи и да поддржи укинување на нивните дозволи во Србија.

ЕПП бара од раководството на СНС да соработува во истрагата за падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, каде што загинаа 16 луѓе. Во делот за добрососедските односи, од СНС се бара да го поддржи процесуирањето на главните учесници во нападот во Бањска и нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина. Документот бара и напуштање на идејата за „српски свет“ и почитување на територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина.

Мирно предавање на власта и месечни извештаи

По октомвриските избори, на кои Студентската листа освои 140 од 250 пратенички места, од СНС се бара да овозможи мирно предавање на власта, да ги повика своите приврзаници да се воздржат од насилство и да ја обнови соработката со граѓанските организации.

Според документот, СНС би доставувала писмени извештаи до Претседателството на ЕПП секој месец, а напролет е можна и набљудувачка мисија во Белград. Следењето би траело до декември 2027 година, кога ЕПП би го оценила спроведувањето на барањата и би решила дали да ја задржи суспензијата, да ја исклучи СНС или да ѝ ги врати правата на придружна членка.

Европската народна партија ретко ги исклучува своите членки. Фидес на Виктор Орбан беше суспендиран во 2019 година, а во март 2021 година сам ја напушти ЕПП додека постапката за негово исклучување сè уште беше отворена. Меѓу ретките случаи на формално исклучување е португалскиот Демократски и социјален центар, исклучен во 1993 година поради евроскептицизам.

Рацин.мк ве прашува:

Кој најмногу придонесува говорот на омраза да стане нормална појава во Македонија?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој најмногу придонесува говорот на омраза да стане нормална појава во Македонија?