Кандидатите на претседателските избори во Франција, Марин Ле Пен и Жан-Лик Меланшон, најавуваат промена на француската политика кон Украина и намалување на поддршката, а анкетите им даваат најголеми шанси за влез во вториот круг токму нив. Ваквата ситуација предизвикува загриженост кај европските сојузници за идната финансиска и воена поддршка за Киев, пишува „Политико“.
Кандидатката на крајната десница Марин Ле Пен и кандидатот на крајната левица Жан-Лик Меланшон се критичари на НАТО, а нивните политички ривали ги обвинуваат дека ги повторуваат наративите на Кремљ за војната во Украина. Ле Пен во повеќе наврати изјави дека тешката фискална состојба на Франција не дозволува натамошно испраќање финансиска помош за Киев. Меланшон се противи на украинските напади длабоко на руска територија и наиде на остри критики поради поддршката за одржување референдум во Донбас, регион што е во голем дел под руска окупација.
Промена на политичката ситуација во крајно лево или десно во Франција ќе значи и значителен пресврт за европската безбедност, пишува „Политико“. Франција е единствената нуклеарна сила во Европската Унија и копретседава со коалицијата на земјите подготвени да ѝ помогнат на Украина, чии лидери одржаа самит во Берлин во четвртокот. На тој состанок преку телефонски повик се вклучил и американскиот претседател Доналд Трамп, кој го довел во прашање натамошното трошење средства за воена поддршка на Киев. Покрај тоа, Париз има водечка улога во акциите против руската флота во сенка, преку која се транспортира нафта спротивно на санкциите на ЕУ.
Претседателот на Комисијата за надворешни работи на естонскиот парламент, Марко Михкелсон, изјави за „Политико“ дека сите внимателно ја следат француската кампања, бидејќи исходот може да има влијаени врз иднината на целиот сојуз и европската безбедност. За да ја заштити идната финансиска помош за Украина од евентуална блокада по изборите во Франција, германскиот канцелар Фридрих Мерц иницира воспоставување трајна шема за финансирање во следниот долгорочен буџет на ЕУ. Неговиот предлог предвидува одлуките да се носат со квалификувано мнозинство наместо со едногласност.
Осум пратеници и дипломати од Европа и Украина, во изјави за „Политико“, се поделени околу последиците од можната промена во Елисејската палата. Половина од нив сметаат дека доаѓањето на Ле Пен или Меланшон на власт ќе ја ослабне европската решеност кон Русија, додека останатите оценуваат дека тие сепак ќе се прилагодат на европскиот консензус. Во меѓувреме, Ле Пен оствари средба зад затворени врати со украинскиот амбасадор во Франција, а Меланшон порача дека ги има предвид интересите на украинскиот народ.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во јавноста се обиднува да ги минимизира ризиците од француските избори. Тој изјави дека Киев ќе соработува претседателот што ќе го изберат француските граѓани, потсетувајќи дека Европската Унија ја сочинуваат 27 земји. Сепак, европски и украински претставници укажуваат дека иако Франција според обемот на воената помош заостанува зад држави како Шведска или Германија, силното политичко лидерство на Макрон и француската улога во мировните преговори тешко би се надоместиле.
Внатрешнополитичките поделби во Франција дополнително се заострија оваа недела по извештајот на Радио Франс Интернасионал дека француски воен персонал е присутен на украинска територија за мисии за обука. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров го оцени тоа како директно учество во конфликтот. Француската делегирана министерка за одбрана Алис Руфо ги отфрли ваквите обвинувања, но Меланшон и портпаролот на Националниот собир, Лоран Жакобели, предупредија на ризикот Франција да стане завојувана страна. Поранешниот француски премиер и претседателски кандидат Едуар Филип ги обвини двајцата ривали за фасцинација од рускиот претседател Владимир Путин, додека францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро оцени дека тие шират руска пропаганда.
Портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи, Георгиј Тихи, соопшти дека украинските дипломати комуницираат со француските политичари и оти сите претседателски кандидати се добредојдени да ја посетат Украина.

