Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Македонски уметници изложуваат во палатата „Пизани-Реведин“ во Венеција

Во палатата „Пизани-Реведин“, во близина на мостот „Ријалто“, во самото јадро на уникатната Венеција, се поставени дела на 31 македонски уметник.

Проектот се реализира на идеја и со кураторство на Љупка Делева, македонска уметница која живее и работи во Венеција, а беше инициран од големата поплава која во Венеција се случи во 2019 година кога градот бил поплавен во огромни размери и имал големи материјални штети. На апелот на Делева, триесетина македонски истакнати визуелни уметници подарија свои дела како израз на солидарност и емпатија која ги поврзува народите.

Фото: Љ. Делева

На изложбата се поставени дела на Ладислав Цветковски, Микица Трујкановиќ, Симонида Китановска, Нада Прља, Љупка Делева, Жанета Гелевска Вељановска, Гоце Наневски, Александра Димитрова, Крунислав Стојановски, Ана Спасова, Марина Лешкова, Страхил М. Петровски, Јана Манева-Чупоска, Ана Трајковска, Ива Станковска, Дарко Марковиќ (донација од Соња Абаџиева), Дијана Томиќ Радевска, Александар Таневски, Зоран Јакимовски, Борис Шемов, Венко Цветков, Колектив Зеро, Дороти Пачкова, Ленче Ламбевска Гулевска, Маја Димитрова, Дарко Аницин, Гордана Винчиќ, Таневска Тања, Предраг Тасиќ, Новица Трајковски и Виолета Чаповска.

„Поради пандемијата на ковид-19, замислената аукција од солидарен карактер не се реализираше, така што првичната идеја се преобрази во изложба со претставување на уметниците пред венецијанската јавност“, вели Делева.

По изложбата, делата ќе бидат подарени и ќе останат во трајна сопственост на Венецијанските цивилни музеи.

На покана од Делева, на отворањето на изложбата Ирена Павлова Де Одорико, нашата позната писателка, критичарка и новинарка која живее во Венеција, ќе чита поезија на македонски и италијански јазик. Италијанско-македонската фамилија Гарбин Јовановски од Венеција ќе раскаже како им се роди идејата да се создаде италијанска верзија на хитот од Дац и Александар, „Уште ми фалиш” и за соработката со афирмираниот македонски оперски пејач во Италија, тенорот Благој Нацоски, при што песната беше препеана под името “Mi manchi ancora“…

Редакција Трн

Зачлени се на нашиот е-билтен