ЦИВИЛ побара коментар од кабинетот на премиерот Ковачевски за посетата на косовскиот премиер, Курти, при чија посета во Тетово беа игнорирани протоколите, меѓу кои е и обврската да се истакне македонското знаме.
Од кабинетот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија посочи дека, пред сѐ, се работи за приватна посета на премиерот на Косово, Албин Курти, така што, за деталите од поканата, протоколот и организација на посочениот настан, упатуваат да се побараат одговори кај организаторот.
„Во секој случај, Кабинетот на премиерот смета дека истакнувањето знамиња кои не се државните, е спротивно на протоколите и законите за организирање настани во присуство на државници од странски земји. Воедно, видот на иконографија забележан на настанот во присуство на висок претставник на странска држава е несоодветно и недозволиво во земја членка на ООН и земја членка на НАТО и во таа насока ве информираме дека СВР Тетово презема мерки за идентификување на сторителите и целосно расчистување на случајот“, велат од кабинетот на македонскиот премиер.
Од Кабинетот на премиерот во текот на денот е исконтактиран амбасадорот на Република Косово во Република Северна Македонија, во врска со споменатата иконографија користена при приватната посета на косовскиот премиер на земјата. Воедно, Кабинетот на премиерот посочува дека за осуда е фактот што на настанот организиран на територија на Република Северна Македонија, не е интонирана македонската државна химна и не е истакнато македонското државно знаме.
„Посочуваме дека сите држави од регионот кои сакаат истиот да е просперитетен, економски развиен и интегриран во Европската Унија и кои сакаат да градат пријателски односи со своите соседи, треба со сите свои постапки да ги продлабочуваат пријателствата и меѓу државите и меѓу граѓаните, и да инсистираат на почитување пред сѐ на државните обележја како и на мултикултурните специфичности на секоја од државите од регионот“, истакнуваат од кабинетот на Ковачевски.
Во одговорот што го доби ЦИВИЛ од тимот на премиерот Ковачевски, се истакнува дека нашата земја е пример за функционално мултикултурно и мултиетничко општество, земја во која се почитуваат различностите и интензивно се градат добрососедски односи.
„Република Северна Македонија како функционално мултикултурно и мултиетничко општество е пример за земја која ги почитува различностите и интензивно гради добрососедски односи со сите свои соседи, базирани на почитување и соработка која треба да придонесе кон понатамошен развој и на земјата и на регионот“, се вели во одговорот.
На прашањето за степенот на самостојност на одлуките на ниво на локална самоуправа, од кабинетот на Ковачевски, се посочува дека локалната самоуправа има слобода во донесувањето на одлуки кои ја засегаат општината, но и тоа дека не се согласува со одлуката да се промени името на улицата Втора Македонска Бригада. Наместо тоа, би требало поревносно да си ја вршат својата работа.
„Иако локалната самоуправа во Северна Македонија има целосна слобода во донесувањето на одлуки кои ја засегаат општината, сепак, Кабинетот на премиерот Ковачевски посочува дека не се согласува со преименување на улица која го носи името на херојската Втора Македонска Бригада. Посочуваме дека локалната самоуправа требало изминатиот период поревносно да си ја врши својата работа и досега да изгради нова улица која ќе ја именува согласно законските процедури“, се вели во одговорот од кабинетот на премиерот Ковачевски доставен до ЦИВИЛ.
М. П.