Во градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп ќе биде отворена ретроспективна изложба на документарни фотографии изработени од претставниците на Либеречката школа за фотографија – LŠF од Чешка.
Изложбата воедно ќе биде и завршен настан за годинашната меѓународна уметничка колонија на Центарот за уметност и одржлив развој АРТ ПОИНТ – ГУМНО од село Слоештица, Демир Хисар, кој годинава одбележува 20 години постоење.
-Соработката со Либеречката школа за фотографија – LŠF е меѓу позначајните меѓународни соработки што АРТ ПОИНТ – ГУМНО ги реализира во изминативе 20 години. Професорите и одбрани студенти од оваа школа, досега, во два наврати реализираа престој во креативниот центар во Слоештица, информираат организаторите.
Групата што гостува во Слоештица во периодот од 8-20 август, крстосува низ селата од горно-демирхисарскиот регион и преку своите фотографии ја раскажува приказната за неисцрпното природно и културно богатство што исчезнува.
Во просторот на прилепската библиотека, публиката ќе има можност да види 17 фотографии на коишто буквално е отсликано секојдневието на демирхисарските села. На изложбата ќе биде изложено и едно платно: „Фотографот од Либерец“ што Сергеј Андреевски го има насликано во чест на фотографите од Либерец.
Поставката ќе биде отворена до 31 август, а престојот на чешките фотографи во Слоештица е поддржан од македонското Министерство за култура, а нивното патување е овозможено од ЕУ во рамки на програмата Креативна Европа „Културата ја движи Европа“. (МИА)