Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави во Атина дека европските претставници ја повториле важноста на т.н. агенда за раст и дека подготвиле програма за раст за Западен Балкан.
-За народот на Србија, важно е што разговаравме со Урсула фон дер Лајен синоќа, а таа и Мишел ја повторија важноста на т.н. агенда за раст и како ЕУ подготвува програма за раст за земјите од Западен Балкан за октомври, што можеме да направиме за да ги подобриме економските перформанси и тоа е она што го очекувам, освен поддршка за различни програми, субвенции, стимулации и дополнителен готовински тек за земјите од Западен Балкан, рече Вучиќ и посочи дека тоа многу значи во денешно време.
Тој нагласи дека очекува поддршка и охрабрување преку различни програми, како и дополнителен паричен тек.
Вучиќ вели дека имал искрен и пријателски разговор со Володимир Зеленски и оти верува оти нема да има промена во позицијата на Украина кога станува збор за територијалниот интегритет на Србија.
-Наше е да го продолжиме европскиот пат и да видиме што може да добие нашата земја од тоа, изјави Вучиќ во Атина, каде што присуствува на Самитот на лидерите од Западен Балкан и европските претставници.
Вучиќ посочи дека Самитот во Атина е можност да се разговара со европските лидери, да се разменат искуства за европскиот пат на земјите од Западен Балкан и нивната иднина.
Тој изјави дека во декември може да се очекува повеќе отколку само датумот за почеток на преговорите за влез на Молдавија и Украина во ЕУ.
-За нас е важно да погледнеме што можеме да направиме со ЕУ, важно е тоа што го кажаа за единствениот економски пазар, не е лесно, но за нас е исклучително важно. Тоа дополнително би го стимулирало растот кај нас, би биле попривлечни за странските инвеститори, рече Вучиќ.
Претседателот на Србија рече дека имал отворен и искрен разговор со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, кој се интересирал што е тоа и што мислат нашите граѓани.
-Реков дека кога станува збор за прашањето за територијалниот интегритет, Србија, за разлика од другите, е искрена и го поддржува територијалниот интегритет на Украина. Тоа беше искрен, пријателски разговор и се надевам дека ќе успееме да продолжиме да ја развиваме соработката со земја која никогаш ништо не ѝ направи лошо на Србија. Верувам и дека нема да има промени во односот на Украина кога станува збор за територијалниот интегритет на Србија и тоа беше одлична работа што ја завршивме, рече Вучиќ.
Вучиќ посочи дека на вчерашната неформална средба на лидерите на земјите од Западен Балкан не се согласувал со делот од Декларацијата во кој се зборува за „нешто поефикасна примена на санкциите против Русија“.
Тој додаде дека претстои „жешка есен“ и дека ситуацијата во Украина не е лесна и едноставна, дека ништо не оди брзо и нема брзо да се реши и, како што рече, претстојат уште многу проблеми. (МИА)