Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, синоќа заедно со родители, наставници и претставници на Министерството за внатрешни работи и СВР Скопје ја посети „Соседска патрола“ кај младите во Градскиот парк.
Патролата, чиј главен фокус се безбедноста и среќата на децата, е дел од кампањата на Министерството за внатрешни работи.
На средбата Герасимовски, како што информираат од Општина Центар, потенцирал дека желбите на сите родители се исти, а тоа се среќата, безбедноста и безгрижноста на децата, и токму поради тоа, тој, пред се како родител и функционер, има поголема обврска да вложи максимални и лични напори во соработка со институциите за тоа да биде исполнето.
– Верувам дека настанот што се случи во Белград сите нè стаписа и нè исплаши, затоа приоритет треба да ни биде превенцијата и следење на промените во развојот на нашите деца. Мислам дека од сите можни сфери и од сите можни аспекти треба да преземаме мерки за однесувањето, размислувањето и постапувањето на нашите деца во училиштето, надвор со другарите и другарките, истакна Герасимовски.
Тој додаде дека семејството е основното јадро што треба да го трасира вистинскиот пат по кој треба да се движат децата, а вториот елемент претставува образовната институција, за која како што појасни, основните училишта во нашата држава интензивно работат на програми, обуки и работилници во кои ќе бидат вклучени и родителите со цел децата да имаат весело детство.
– Блискоста, отворениот разговор преку укажување на грешките како и квалитетните семејни односи градат успешни и здрави генерации, порача Герасимовски.
Герасимовски, исто така, упати апел до децата да внимаваат да однесувањето, да ги вреднуваат позитивните дружби и да не учествуваат ниту практикуваат девијантно и хулиганско однесување. На угостителите пак, Герасимовски им порача да ги почитуваат законските норми и на малолетниците да ги послужуваат само со сок, а на родителите да не замижуваат при евентуални проблеми затоа што тие може да се решат доколку се реагира навреме во спротивно може да станат трагедија.