Министерот за поморство на Грција Милитиадис Варвициотис си поднесе оставка по смртта на 36-годишниот Андонис Кариотис, кој беше турнат во море на атинското пристаниште, додека се обидуваше да се качи на траектот за Крит, јави дописничката на МИА од Атина.
Варвициотис преку Х ги објасни причините за одлуката и соопшти дека неговата оставка ја доставил до грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.
Меѓу другото вели дека некои негови изјави во изминатиот период биле погрешно толкувани, дека не ги скрил одговорностите што ги има бродската компанија, но и дека во неговата политичка кариера научил да презема одговорност и да не се крие во тешките моменти.