Нов вординг на Македонската патриотска организација (МПО): Помирување и инклузивност

Претседателот на Македонската патриотска организација (МПО), д-р Метју Стефанов, испрати писмо до нашиот колумнист Тони Поповски и до порталот на Рацин.мк, во кое изразува срдечна благодарност за текстот „Три гледишта за македонското прашање“ на Поповски за, како што се наведува во писмото, „смелоста со тоа што изразивте поддршка за напорите на МПО да ги обедини Македонците во нашата северноамериканска диаспора и да стави крај на омразата и горчината која постои меѓу македонските Бугари и етничките Македонци“.

Претседателот на МПО д-р Стефанов во писмото се осврнува и на некои исклучително важни прашања за македонската дијаспора и за односите на организациите на македонското иселеништво во САД и Канада, како што е определбата на новото раководство на МПО да ги „прекинат негативните дебати и сегашната МПО да се врати на своите корени и да работи на помирување/обединување на Македонците како еден народ со два идентитета“.

Стефанов пишува и за притисокот на кои биле изложени да ја саботираат и отворено да ја нападнат Резолуцијата 311 на Сенатот на Соединетите Американски Држави за прогласување месецот септември 2023 г. како „Месец на македонско американско наследство“ кој ги слави јазикот, историјата и културата на македонските Американци и нивниот неверојатен придонес за САД.

Наместо да ја саботира и нападне актуелното раководство на МПО, сепак донело одлука „да ја поддржи резолуцијата и да го изразиме нашето јасно мислење дека ние сме еден народ со заедничка и почитувана македонска свест, свест која поттикнува гордост, восхит и стравопочит за жртвите што ги направиле нашите предци за да обезбедат подобар живот за нивните потомци и дека во духот на оваа возљубена свест ја даваме нашата сесрдна поддршка за оваа Резолуција 311 на Сенатот“.

Редакцијата на Рацин.мк е на мислење дека писмото на претседателот на МПО д-р Метју Стефанов е индикатор за значајна промена во доктрината на оваа организација, како и за новиот вординг што доаѓа од таму. Од тие причини, иако некои делови и поенти се сѐ уште контроверзни за нашата јавност, Рацин.мк сметаше дека во интерес на јавноста е да го објавиме неговото писмо во целост имајќи го предвид првенствено апелот за помирување и инклузивност како особено значајни во актуелниот момент.

Во продолжение писмото на претседателот на МПО во целост:

д-р Метју Стефанов,
Претседател на Македонската патриотска организација (МПО)

Од името на Централниот комитет на Македонската патриотска организација во САД и Канада (МПО), срдечно ви благодарам што покажавте смелост со тоа што изразивте поддршка за напорите на МПО да ги обедини Македонците во нашата северноамериканска диаспора и да стави крај на омразата и горчината која постои меѓу македонските Бугари и етничките Македонци.

Го цениме и Вашето гледиште  дека MПО предлага „трет приод“ за решавање на македонското прашање, основан на здрав разум и достижни цели, кој вклучува взаемно прифаќање и искрено почитување на двата идентитета како вистински македонски; како и уважување на концептот дека ние сме еден народ и покрај разликите во именување на јазикот и етничката припадност, кои, до голема степен, се резултат од поделбата на Македонија која се случи во 1913 г. Ние веруваме дека овој концепт за еден народ со два идентитета е победнички предлог кој може да допринесе за хармонизирање на нашите односи како браќа и сестри со заедничка македонска свест .

Воедно, сакаме да укажеме дека овој приод не е нов за МПО. Исконската намера на основачите на нашата организација беше да ги обединат сите Македонци во нашата дијаспора, без разлика на нивната етничка самоопределба, и да направат од МПО гласноговорник за сите Македонци во Северна Америка и пошироко. За жал, МПО застрани од својата почетна траекторија со појавата на комунистичка Југославија, која започна континуирана кампања на пропаганда со омраза против нас, истовремено промовирајќи го тогашниот тукушто афирмиран строго етнички македонски идентитет, идентитет кој го загрозуваше самото наше постоење. Ние го нападнавме овој идентитет со истата одмаздољубива омраза како онаа што доаѓаше од другата страна – и во оваа битка беше доведено во прашање самото постоење на МПО.

Кога стана јасно дека етничкиот македонски идентитет е нешто перманентно, многу наши членови и поддржувачи се изморија од постојаните караници и омраза насочена кон луѓето кои, всушност, беа наши браќа и сестри. Како последица од тоа, многумина почнаа да се срамат од бугарската компонента на нашиот идентитет, избраа да го напуштат МПО, и почнаа да се нарекуваат само Македонци. Тие дури ги напуштија и нашите македоно-бугарски цркви и се приклучија кон новоформираните македонски цркви. Многумина исто така се приклучија кон растечките етнички македонски организации како Обединетите Македонци и Обединетата македонска дијаспора. Како резултат од овие процеси, дојдовме до момент кога во рамките на нашите семејства имавме и македонски Бугари и етнички Македонци – и кога, како роднини, двете страни решија да ги прекинат негативните дебати и да се прифатат едни со други онака кака што се чувствуваат. Токму оваа појава ја убеди сегашната МПО да се врати на своите корени и да работи на помирување/обединување на Македонците како еден народ со два идентитета.

Тука би сакале да дадеме дополнителни појаснувања во однос на одредени теми споменати во Вашата статија:

  1. Во врска со предлог Резолуцијата 311 на Сенатот на Соединетите Американски Држави за прогласување месецот септември 2023 г. како „Месец на македонско американско наследство“ кој ги слави јазикот, историјата и културата на македонските Американци и нивниот неверојатен придонес за САД, вистина е дека раководството на МПО беше под голем притисок да ја саботира Резолуцијата 311 и отворено да ја нападне, но исто така имаше притисок од луѓе од спротивниот табор за да ја поддржиме истата без да ја изразиме нашата гледна точка. Затоа, решивме да тргнеме по трет пат – да ја поддржиме резолуцијата и да го изразиме нашето јасно мислење. Како македонски Американци, бевме среќни кога се појави конгресната резолуција со која се предлага септември 2023 година да се прогласи за месец на македонското американско наследство. Идејата да им се оддаде почит на македонските Американци е навистина добра бидејќи многу поранешни и сегашни членови на нашата македонска американска дијаспора дадоа вреден придонес за Америка, збогатувајќи го квалитетот на животот за сите.

    Нашата македонска дијаспора во Северна Америка има одредени разногласија во однос на нашите историски и јазични корени. Имено, мнозинството Македонци кои емигрирале во Америка пред Втората светска војна се самоопределувале како Македонци што зборуваат бугарски или како Македонци со бугарски потекло, а многу од нивните денешни потомци родени во Америка продолжуваат да се идентификуваат како такви. Оваа група Македонци веруваа, и продолжуваат да веруваат, дека тие и нивните предци биле и се вистински Македонци кои исто така биле и се етнички Бугари кои зборуваат бугарски на македонски дијалект – на ист начин како што многу Американци се етнички Англичани кои зборуваат англиски на американски дијалект. Тие беа и сеуште се силни македонски патриоти кои секогаш се залагаа и се залагаат за слободна и независна Македонија на ист начин како што англо-Американците се силни американски патриоти. Македонскиот јазик, кој официјално беше кодифициран во 1940-тите, дојде до израз по Втората светска војна паралелно со еманципирањето на етничкиот македонски идентитет во рамките на Социјалистичка Република Македонија како федерална единица во рамките на Југославија. Додека етничката македонска заедница претставуваше малцинство меѓу Македонците во периодот пред Втората светска војна, денес тие го сочинуваат мнозинството меѓу нас. Со други зборови, постојат два главни словенски македонски идентитети во нашата северноамериканска дијаспора – бугарски македонски и етнички македонски, првиот со македонски јазик како гранка на бугарскиот, а вториот со македонски јазик без бугарски корени. И двата идентитети се составен дел на македонската заедница во Северна Америка!

    За жал, јазикот е јаболко на раздор меѓу двата главни словенски – македонски идентитети. Екстремистите од двете страни се спротивставаат на било какво споменување на јазикот на другиот. Етничките македонски екстремисти тврдат дека јазикот на сите Македонци е македонскиот, а бугарските – македонски екстремисти го тврдат спротивното.

    Но, истовремено, ние сме еден народ со заедничка и почитувана македонска свест, свест која поттикнува гордост, восхит и стравопочит за жртвите што ги направиле нашите предци за да обезбедат подобар живот за нивните потомци! Во духот на оваа возљубена свест ја даваме нашата сесрдна поддршка за оваа Резолуција 311 на Сенатот.
  2. Во врска со одредени медиумски покривања на Конвенцијата на МПО од 2023 година: За време на овогодинешната Конвенција на МПО, беа објавени неколку новинарски статии – вклучително и еден од страна на бугарскиот медиум БГНЕС – кои го претставија МПО во одредено светло што не соодветствува со нашата мисија. Некои сметаат дека станува збор за организирана провокација, додека пак, други, сметаат дека станува збор за недоразбирање. Во секој случај, ние решивме ова да го третираме како недоразбирање, и целата комуникација со раководството на БГНЕС ја завршивме на пријателски начин – и очекуваме одсега натаму двете организации да бидат на иста линија во однос на вистинскиот идентитет на МПО и неговите стратешки цели. Имено, дека МПО е македонска организација, основана од патриотски македонски Бугари доселеници во Северна Америка, која работи на обединување на сите Македонци без разлика на нивната етничката припадност, во славењето, зачувувањето и промовирањето на нашата заедничка македонска култура и традиции.

    Воедно ги замолуваме сите добронамерни поддржувачи на МПО и поборници за македонско-бугарско помирување да се воздржат од искористување на овој инцидент/недоразбирање за злонамерни цели.

Зголемениот јавен интерес во Македонија и во Бугарија за историјата и актуелната дејност на МПО ни укажува дека се додека не се најде праведно решение за македонското прашање, на Балканот ќе продолжи да царува немир и неспокој. МПО смета дека зад сите манифестации на современото македонско прашање се крие една единствена причина – политиката на исклучување. Исклучување од правото да се нарекуваме македонски Бугари или етнички Македонци без страв од осуда и/или прогон и исклучување од правото да го уживаме нашето заедничко македонско наследство како еднакви.

Затоа, МПО прокламира дека единствено одржливо решение за современото македонско прашање е инклузијата.

Затоа, овој Централен Комитет на МПО е посветен да ги насочи сите свои напори за да помогне во трасирањето на патот кон помирување и другарство меѓу Македонците на Балканот, демонстрирајќи на дело со пример преку работа со македонските заедници во Северна Америка. Имено, МПО цврсто ги прифаќа и етничкиот македонски идентитет и бугарскиот македонски идентитет како реалност и отворено ги поддржува.

Некои би рекле дека взаемното прифаќање на македонските Бугари и етничките Македонци никогаш нема да се случи поради неподготвеност од двете страни, но МПО смета дека со фокусирање врз нашиот заеднички македонски идентитет, ќе дојде денот кога тоа ќе може и ќе мора да се случи.

Само тогаш ќе можеме да тврдиме дека историската мисија на МПО е целосно реализирана.

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?