Припадници на американскиот КФОР и ЕУЛЕКС излегоа на терен откако рано изутрината еден припадник на полицијата на Косово е убиен, а уште еден е ранет во напад на засега непознати и маскирани лица во селото Бањско во Лепосавиќ, во северно Косово.
Косовскиот премиер Албин Курти преку објава на Фејсбук информира дека околу 3 часот по полноќ била нападната косовската полиција во Бањска, а како последица на нападот полицискиот наредник А.Б. е убиен, додека ранет е уште еден граничен полицаец. Курти вели дека истрелите од огнено оружје продолжуваат и натаму утрово. Тој го обвини официјален Белград дека е одговорен за нападот кој, според него, е насочен против косовската држава.
Блокирани се сите приоди кон селото Бањска од правец на Лепосавица, Зубин Поток и Звечан. Како што дознава Косово онлајн, премините Јариње и Брњак се блокирани.
Косовската претседателка, Вјоса Османи изјави дека денешниот напад врз косовската полиција во северно Косово, во кој е припадник на полицијата е убиен, а уште еден е ранет, е „испланиран, оркестриран и изведен од српските криминални банди“. По инцидентот, таа, како што соопшти нејзиниот кабинет, ги прекинала сите активности во рамки на официјалната посета на Њујорк и веднаш ќе се врати во земјата.