Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, заедно со министерот за економија, Крешник Бектеши и в.д. директорот на Државен пазарен инспекторат, Горан Трајковски денеска ја посетија компанијата Алма М. На средбата премиерот Ковачевски, министерот Бектеши и директорот на ДПИ Трајковски, со менаџментот на компанијата разговараа за новите владини одлуки за намалување на цените на над 50 призводи.
Со новата мерка на Владата, на над 50 производи во 24 категории од пекарската, млечната, месната индустрија, цените на производите од овие категории се намалени за 10 проценти во однос на цената која ја имале на 1 август, а кај некои намалувањето е од 30% до 40%.
Во маркетите веќе овие производи добија ознака „гарантирана цена“ и со оваа мерка се прави придонес за намалување на инфлациските притисоци и за солидарна поддршка на граѓаните.
„Со економската политика, која ја водиме, не само оваа година, туку и изминативе, и покрај здравствената, економско-енергетската криза, ги зголемивме платите, пензиите, социјалната заштита за најранливите категории граѓани, зголемувањето го направивме како Влада и тоа во значителен износ поголем од она што го правела било која друга Влада во изминатиот период“, рече Ковачевски во својата изјава после настанот.
Тој дополни дека како Влада продолжуваат со социјалниот дијалог со стопанските комори, работодавачите, синдикатите за да се одговориме соодветно на намалување на инфлацијата и до крајот на годината таа да не биде повисока од 5%, во делот на основните производи кои граѓаните ги користат.
„Мерките кои ги носиме имаат економски, но пред сè социјален карактер, со нив ги штитиме пензионерите, ранливите категории граѓани, невработените лица, самохраните родители, сите корисници во системот на социјална помош, работниците, особено работниците со пониски примања каде што сведоци сме дека платата во времето на оваа Влада е најмногу зголемена и така ги штитиме сите граѓани. Буџетските средства ги користиме плански, ефикасно, како за заштита на стандардот на граѓаните, така и за рамномерен и регионален развој на нашата држава, особено преку поддршка на инвестициите со Законот за поддршка на инвестиции каде што преку вицепремиерот за економски прашања веќе бевте информирани дека над 400 компании ќе добијат државна помош за зголемување на инвестициите и зголемување на бројот на вработени во нивните компании“, истакна Ковачевски и додаде дека и „оваа есен и зима ќе се продолжи во оваа насока, за зголемување на платите, за инвестиции во енергетиката и во инфраструктурата“.
„Сè додека јас сум премиер како Влада нема да престанеме да работиме на подобрување на егзистенцијалното прашање на граѓаните во Северна Македонија, како и на економскиот раст на државата. Во време на криза која не ги одмина ни најразвиените држави, бидејќи сите сме сведоци за сè она што се случува во земјите во ЕУ и пошироко, како Влада стоиме зад бизнис секторот, зад работниците, зад граѓаните. Со ист ентузијазам продолжуваме да работиме, за заштита на квалитетниот живот на граѓаните и за заштита на стопанството и оттука би сакал да ги повикам и пратениците во Собранието, законските решенија кои се однесуваат во делот на распределбата на буџетот, да бидат одобрувани со динамика која ќе овозможи спроведување на сите потребни мерки со цел да можат да бидат заштитени граѓаните пред сè“, потенцираше во својата изјава Димитар Ковачевски, кој заедно со министерот за економија, Крешник Бектеши и в.д. директорот на Државен пазарен инспекторат, Горан Трајковски, денеска беше во посета на компанијата Алма М. На средбата премиерот Ковачевски, министерот Бектеши и директорот на ДПИ Трајковски, со менаџментот на компанијата разговараа за новите владини одлуки за намалување на цените на над 50 призводи.

