Полска и Чешка ќе ги продолжат привремените контроли на нивните граници со Словачка до ноември, бидејќи земјите се обидуваат да го ограничат протокот на илегални мигранти.
Полскиот министер за внатрешни работи Мариуш Камински изјави дека владата ќе ги продолжи контролите до 2 ноември, по слична одлука на чешката влада во средата навечер.
Двете земји, заедно со Австрија, го зајакнаа надзорот на нивните граници со Словачка на 4 октомври за да се заштитат од криумчарите и порастот на илегалните мигранти.
„Има добри резултати, има јасни ефекти“, рече Камински.
Словачка е транзитна земја за мигранти, претежно од Блискиот Исток и Авганистан, кои се обидуваат да стигнат до Германија откако во Европската унија преминале преку Унгарија од Србија, која не е во ЕУ.
Словачка вчера ги продолжи сопствените гранични контроли со Унгарија до 3 ноември. Бројот на мигранти кои влегле во Словачка се зголемил единаесет пати на речиси 40.000 оваа година, покажуваат владините податоци.
Минатиот месец и Германија воведе контрола на своите граници. Полска, Словачка, Чешка, Унгарија, Австрија и Германија се дел од отворената Шенген зона на ЕУ.
Прашањето за илегалната миграција беше истакнато во предизборната кампања во Централна Европа.