Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ГЛЕДАЈ, ЧИТАЈ, СЛУШАЈ: Остлунд, Унковски, Аврамовска, ТВ серија „Шпион меѓу пријателите“, нов албум на „Хајка“

За претстојниот викенд и за деновите од наредната недела за вас избравме по едно дело од музиката, литертурата, театарот, телевизијата и филмот. Гледајте, слушајте, читајте…

Филм: „Триаголник на тагата“ 

Меѓу фаворитите од комплетниот список на номинирани за награди спаѓа и канскиот победник „Триаголник на тагата“ („Triangle of Sadness“) на Рубен Остлунд (Ruben Östlund) – сатирична комедија која ќе атакува на главните „Оскари“ за најдобар филм, режија и оригинално сценарио.  Игран филм во копродукција на Шведска, Германија, Франција и Данска, со Херис Дикинсон, Чарлби Дин, Вуди Харелсон, Златко Буриќ, Вики Берлин, Доли Де Леон (Harris Dickinson, Charlbi Dean, Woody Harrelson, Zlatko Burić, Vicki Berlin, Dolly De Leon) во главните улоги.

Брутална социјална сатира на Остлунд за богатите луѓе од разни профили – руски олигарси, аристократи со „старо“ богатство, трговци со оружје и претставници на „новата класа профилирани како инфлуенсери на социјалните мрежи. Тие започнуваат со уште едно рутинско задоволство какво што е крстарењето со супелуксузна јахта, но морската болест од лулањето на јахтата за време на бурата ќе биде причина да им преседне перверзно богатата вечера на патниците. Најлошото по нив допрва следува, кога бурата ќе ја преврти јахтата: луѓето се вратени барем два века назад – нема комуникации со светот, нема Фејсбук и Инстаграм, а газда е оној што ја поседува храната…

Се чини дека со „Триаголник на тагата“ на Остлунд го постигнува оној вистински баланс меѓу питкоста на сторијата и нејзината убиствена есенција. Сведочиме на менување на претходните улоги во општеството, како во мала револуција: ваше е да проверите дали и оваа ваква „револуција“ повторно ќе ги изеде сопствените деца?

„Триаголник на тагата“  е на програмата на Кинотеката на Македонија: 11 февруари (сабота), 20:00 ч., 17 февруари (петок), 20:00 ч., 20 февруари (понеделник), 20:00 ч., 24 февруари (петок), 20:00 ч. и 27 февруари (понеделник), 20:00 ч.

Театар: „Сите сме птици“ на МНТ

Сцена од „Сите сме птици“ (фото: МНТ)

Новата претстава на Слободан Унковски, по текст на Важди Муавад (превод од француски: Калиопа Петрушевска), е моќна современа драма која спојува повеќе јазици и различни светови на искуства, го истражува и идентитетот за тоа кои сме – или мислиме дека сме.

Додека во светот се случува израелско-палестинскиот конфликт, во драмата на уникатниот современ автор од либанско-канадско потекло, Важди Муавад, едно семејство е во теснец и е принудено да се соочи со сето она што го знаат за својот идентитет. Поради терористичкиот напад во Ерусалим младиот израелско-германски генетски истражувач Еитан паѓа во кома, додека неговата  девојка Вахида (американка со арапско потекло) е оставена да ја открие неговата семејна тајна…

Во претставата на Унковски кој по девет години поставува на сцената на МНТ улогите ги толкуваат Дамјан Цветановски, Никола Ристановски, Николина Кујача, Емил Рубен, Звездана Ангеловска, Тина Трпкоска, Петре Арсовски и Сара Климоска.

„Сите сме птици“ е на репертоарот на МНТ на 14, 27 и 28 февруари, со почетокот од 20 ч.

Книга: „Водни тела“ на Ана Аврамовска

Ана Аврамовска во нејзиниот прв роман „Водни тела“ креира стореија за безимената повратничка од Сиднеј, Австралија, која трага по одамна загубените места на родното Куманово, кои ги има само во сеќавањата на нејзината баба. Тие топоними се од емоционалнана природа, бидејќи веќе не постои речната плажа, но затоа тука се ѓубрето и загадениот воздух.

Безимената протагонистка (алтер его на авторката Аврамовска) не е само во потрага по она „старо Куманово“ со нејзините пријатели од детството, фотографката Јасна и дивиот таксист Гаврил. Враќањето во родниот град за неа не е крајна дестинација, туку почеток на ново самоспознавање. Тој процес во романот на Аврамовска симболично е претставен како пробивање низ густиот смрдлив смог на родниот град, кој како краста е залепен секаде на нејзиното тело. Малку да бидеме иронични: како што Куманово има свои „стари Кумановци“ како што Скопје ги слави „старите Скопјани“, така има и смог, можеби поотровен од скопскиот. Како и да е, самозпознавањето не оди без траумите од раната младост, откривање на тајните релации меѓу тројцата пријатели, родителите, баба и и дедо и.

Во манир на најдоброто од веќе подзаборавените егзистенцијалисти, но во модерниот клуч на авторката која одлично ја владее лингвистиката како научна дисциплина, „Водни тела“ од навидум бенигната приказна за залудната потрага по минатото прави вивисекција на живеењето во модерните времиња, своевиден „портрет на уметникот во младоста“. Сеедно е дали се случува во Куманово, Сиднеј или Даблин.

Аврамовска (1991, Куманово) по дипломирањето на Универзитетот во Викторија работела во медиумите, а потоа специјализирала лингвистика и англиски јазик на Универзитетот во Сиднеј. Во нејзиното работно искуство се вбројува и уредувањето на веб-серија за режисерката Кели Смит, а меѓу освоените награди стои и наградата за поезија од „Ред рум поетри“ (Red Room Poetry). Во моментов работи како консултант и уредник во образовната институција Академија „Џенерејшен Аустралија“ (Generation Australia).

Бонус: Дебитантскиот роман на Аврамовска, во издание на „Паблишер“ (може да се најде во книжарниците на „Три“), започнува со мотото од стихозбирката „Елегии за тебе“ на Кочо Рацин! „Течи ми водо студена!/Течи си – рони брегови!/Течи – и нам низ срцето/нели и крвта ни тече?“.

Стриминг платформи: ТВ серија „Шпион меѓу пријателите“

„Шпион меѓу пријателите“ (A Spy Among Friends) е британска шпионска-трилер телевизиска серија, со Гај Пирс и Демијан Луис (Guy Pearce, Damian Lewis) во главните улоги. Се базира на истоимената книга на Бен Мекинтајр (Ben Macintyre), адаптирана од Алекс Кери (Alexander Cary). 

Серијата е филмувана вистинска приказна за Николас Елиот и Ким Филби, двајцата британски шпиони од МИ6 и доживотни пријатели во периодот после Втората светска војна. Предавството и пребегнувањето на Ким Филби од британското разузнување во Русија, откако беше разоткриен како двоен агент, резултираше со уништување на британското и американското разузнавање.

ТВ серијата „Шпион меѓу пријателите“ е поставена на ХБО и има шест епизоди.

Музика: Албум „Мека машина“ на „Хајка“ (самиздат, 2023)

„Хајка“ е млад бенд од Скопје формиран во 2019 година. Влечејќи инспирација од бит-генерацијата на писатели и постмодерната уметност, бендот жанровски е на линијата од прото-панк, па сè до „no wave“.

Препознатливи по големото количество енергија на досегашните настапи во живо, бендот „Хајка“ неодамна го промовираше својот втор албум, „Мека машина“. Темата која беше нивен ултимативен хит на бројните настапи низ целата 2022 година стана наслов на вториот албум. Албумот е достапен е онлајн, а сега доживеа и компакт-диск издание.

„Бендот на слушателот му праќа сублиминална порака дека во материјалот треба да се влезе со бистар ум, но не заборавајќи го она клучното – емоциите што ги создава срцето… Снимен, миксан и продуциран во студиото на Драган Гиновски-Гино во Бардовци, овој налудничаво квалитетен албум на „Хајка“ отвора еден широк прозорец за бендот, со надеж дека уште оваа година ќе може да го види публиката на фестивалите ширум Балканот“ (од освртот на Игор Анѓелков).

Подготвил: С. Синадинов

Зачлени се на нашиот е-билтен