Ако опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги изгласа уставните измени ќе добие можност да одлучи за датумот на изборите, изјави шефот на дипломатијата и потпретседател на ДУИ Бујар Османи.
-Ако ги изгласаат уставните измени ќе оставиме тие да одлучат кога ќе бидат изборите кога и да сакаат, денеска, утре, задутре, веднаш после изгласување на уставните измени. Мислам дека ова е фер понуда од наша страна, рече Османи на новинарско прашање за коментар за предлогот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски парламентарни и претседателските избори да се одржат меѓу двата празника по обраќањето на годишната Конференција за сајбер/ИКТ безбедност што во рамки на Претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ во Скопје.
Доколку не се изгласаат уставните измени и ВМРО-ДПМНЕ опстои на својот став, тогаш, посочува Османи, остануваат редовните термини, а дали изборите ќе бидат одвоени или ќе се одржат заедно е прашање на логистика и на консензус на политичките партии.
-Во тој случај мислам дека редовните термини треба да бидат земени предвид, и веќе останува прашање на технички и логистички пресметки по однос на одржување на изборите отколку политички проценки. Политичка проценка е оваа понуда. Нека ги изгласаат уставните измени, ќе оставиме тие да одлучат за денот на избори, кога и да сакаат и за претседателските и за парламентарните. Доколку не, одиме на редовни избори, дали ќе бидат заедно дали ќе бидат одвоено, е веќе прашање на логистика, техника и повеќе проценки на политичките партии да најдеме одреден консензус, вели Османи.
Тој не ги коментира критиките од коалицискиот партнер во Владата Алијасна за Албанците и повикот до ДУИ дека треба да си замине во опозиција. Важно е посочува, дека имаме добри меѓучовечки релации, добра соработка, професионална како министри и како коалициони партнери во рамки на Владата.