Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Костадиновска-Стојчевска: Соработката со Музејот „Ашмолеан“ ја зголемува достапноста на нашето културно богатство пред британската јавност

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска престојува во работна посета на Лондон каде што ќе присуствува и на настанот по повод одбележувањето на јубилејот – 30 години од воспоставувањето на билатералните односи меѓу Република Северна Македонија и Обединетото Кралство.

Во рамките на престојот, Костадиновска-Стојчевска, придружувана од вршителот на работите во македонската амбасада во Лондон, Билјана Глигорова и од Славица Вајт, претседателка на Фондацијата „Трајковски“, денеска го посети Музејот за уметност и археологија „Ашмолеан“ при Универзитетот во Оксфорд.  

За време на посетата водичот Грахам Форбс ја запозна министерката  за култура со историјатот и развојот на Музејот,  како и со богатите колекции  кои содржат различни предмети – од египетски мумии до примероци од современата уметност, експонати кои раскажуваат човечки приказни низ културите и низ времето.

Според Костадиновска-Стојчевска, „Ашмолеан“ е првиот универзитетски музеј, кој со својата околу четиривековна историја е една од најпознатите институции од ваков вид во светот со која Министерството за култура има потпишано Меморандум за разбирање, кој отвора можности за реализација на повеќе проекти и иницијативи.

– Како резултат на таа соработка, девет теракотни икони, кои датираат од 5 и 6 век и се вбројуваат меѓу најексклузивните наоди во историјата на македонската археологија, пред пет години беа дел од големата изложба во организација на „Ашмолеан“, „Религијата во големите империи“ – рече министерката за култура.

Костадиновска-Стојчевска истакна дека изложбата која траеше шест месеци предизвика голем интерес во јавноста и е од исклучително значење за афирмација на македонското, но и на светското културно наследство.

Во тој контекст, Костадиновска-Стојчевска изрази голема благодарност до претседателката на Фондацијата „Трајковски“, Славица Вајт, за ангажманот за унапредување на соработката меѓу институциите од Република Северна Македонија и од Обединетото Кралство. Воедно стана збор и за идната соработка во насока на презентирањето на нашето културно богатство пред пошироката британска јавност, како и за  донациите на книги за македонските институции.

– Еден од приоритетите на Владата и на Министерството за култура е токму заштитата на културното богатство со кое располагаме и неговата  презентација во меѓународни рамки. Во таа насока, од особено значење би била поголемата имплементација на овој документ во функција на размена на изложби, соработка во сферата на културното наследство, престои на куратори, усовршувања или истражувачки проекти“ – рече министерката за култура.

Музејот „Ашмолеан“ е основан во 1683 година како модел на институција која ги комбинира функциите на локација на која се депонирани ретки и куриозни експонати и на образовен центар кој врши истражувања. Музејот располага и со најголемата збирка цртежи на Рафаел, извонредните англосаксонски богатства и најважната збирка на модерното кинеско сликарство во западниот свет. Историските збирки на „Ашмолеан“ се составен дел од интелектуалното наследство на Универзитетот и имаат значајна улога во истражувањата и во наставата над  триста години.

Зачлени се на нашиот е-билтен