Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

„Самоопределување“ и во Северна Македонија, Албин Курти ќе му стане ривал на Али Ахмети!?

Не е исклучена можноста политички ентитет, кој произлегува од Движењето „Самоопределување“ на Албин Курти, да влезе во изборната трка на претстојните парламентарни избори во Северна Македонија.

Како што дознава „Фронтлајн“, веќе се започнале активностите за формирање на правно лице кое произлегува од движењето во Косово, кое ќе се регистрира во Северна Македонија. Се очекува да го предводи Беким Ќоку, советникот за односи со Северна Македонија на косовскиот премиер Албин Курти, како и поранешниот дипломат и поранешен кандидат за претседател на Северна Македонија, Блерим Река.

„Фронтлајн“ дознава и дека изборот на луѓе кои ќе го претставуваат центарот на Движењето „Самоопределување“ се одвива на терен.

Беким Ќоку
Беким Ќоку

„Фронтлајн“ се обрати до советникот на Курти за односи со Северна Македонија, Беким Ќоку.

Во изјава за „Фронтлајн“ тој рече дека Движењето „Самоопределување“ веќе извесно време работи на отворање свој центар во Северна Македонија.

-Движењето „Самоопределување“ веќе извесно време планира формирање центар во Северна Македонија. Правиме одредени напори, оценки во оваа насока. Сè уште нема ништо конкретно. Почнавме да ги бараме вистинските луѓе, фигури, поединци кои би можеле да ја извршат оваа задача на најсоодветен начин, изјави Ќоку за „Фронтлајн“.

За правниот статус на делување на „Самоопределување“ на политичката сцена на Севрна Македонија Ќоку вели дека сè уште нема конечна одлука.

– Сè уште не сме одлучиле како ќе изгледа правната форма или природата на предметот, вели Ќоку.

На прашањето дали „Самоопределување“ ќе учествува на следните парламентарни избори, тој рече дека оваа можност не е исклучена.

– Не е исклучена можноста, изјави тој за „Фронтлајн“.

Според информациите кои кружат во политичките и новинарските кругови, Движењето „Самоопределување“ во Северна Македонија има над 10.000 членови, односно симпатизери. Но, Ќоку ја демантира оваа информација, велејќи дека оваа бројка е шпекулација.

– Имаме поддржувачи, но не со книшки. Бројката е шпекулација, појасни Ќоку во изјавата за „Фронтлајн“.

Дестан Јонузи (ЦивилМедиа)

Зачлени се на нашиот е-билтен