Институтот за медиуми и аналитика (ИМА) денеска со почеток во 12 часот во хотелот Сити Парк во Скопје, ќе ја промовира публикацијата: „Во(н) фокусот на медиумите: Демократски институции, владеење на правото и реформи во јавната администрација“ – извештај од мониторинг на медиумите за темите: „демократски институции“, „владеење на правото“ и „реформа на јавна администрација“.
На настанот ќе се обрати амбасадорката на Швајцарија во Северна Македонија Вероник Хулман. Во рамки на панел – дискусијата што е дел од настанот, излагања ќе имаат г-а Славица Грковска – заменик на претседателката на Владата на Северна Македонија задолжена за политики на добро владеење, Александар Кржаловски – директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), д-р Катерина Колозова – директорка на Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје (ИОХН-С) и Жарко Трајаноски – раководител на истражувања во ИМА. Модератор на настанот е Петрит Сарачини. По излагањата на панелистите, предвидена е и дискусија/сесија со прашања и одговори со медиумите, учесниците и присутните.
Настанот е дел од активностите на проектот „Преку деполаризација до демократски, стабилни и инклузивни институции: Придонес на граѓанското општество“, што го спроведуваат Институтот за општествени и хуманистички науки, Институтот за медиуми и аналитика (ИМА), Балканскиот институт за регионална соработка (БИРС) и Здружението на граѓани за ретки болести „Живот со предизвици“. Проектот е финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата ЦИВИКА Мобилитас. Цел на проектот е критички и информиран дијалог, следење, анализа и застапување на политики, кои ќе придонесат за зајакнување на капацитетите на извршната власт за градење демократски и инклузивни институции.