Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш денеска рече дека ситуацијата во Газа претставува „криза на човештвото“ и дека палестинската енклава брзо „станува гробишта за деца“, јави Би-Би-Си.
„Стотици девојчиња и момчиња се убиени или повредени секој ден“, рече на прес-конференција Гутереш.
Тој додаде дека конфликтот „го потресе светот“ и дека „уништува толку многу невини животи“.
Гутереш ја повтори својата осуда за „грозоморните терористички акти извршени од Хамас на 7 октомври“, велејќи дека неговите борци користеле цивили како „човечки штитови“ и продолжиле да го напаѓаат Израел.
„Ништо не може да го оправда намерното мачење, убивање, ранување и киднапирање цивили. Заштитата на цивилите мора да биде најважна“, рече тој.
Шефот на ОН, исто така, изрази загриженост поради „ескалацијата“ на непријателствата како резултат на војната меѓу Израел и Газа.
Тој ја повика меѓународната заедница да се справи со „ризиците од прелевање на конфликтот во поширокиот регион“.
„Веќе сме сведоци на спирала на ескалација од Либан и Сирија, до Ирак и Јемен“, додаде тој.
Гутереш смета дека има итна потреба од решение и повика на итен хуманитарен прекин на огнот.