Колумните што се објавуваат во пишаните медиуми се текстови во кои се изразува лично мислење на авторите. Но, честопати се случува во нив да се искажуваат невистинити тврдења и манипулации.
На пример, во колумната на Ристо Никовски со наслов „Бујар Османи ја потпиша согласноста за менување на Уставот“ се содржани повеќе невистинити и манипулативни тврдења.
Авторот на колумната тврди дека „вториот протокол со Бугарија“, потпишан од Бујар Османи, „е наречен „француски предлог““. Меѓутоа, кога „Собранието ги изгласа заклучоците за францускиот предлог“, се реферираше само на преговарачката рамка со ЕУ. Покрај преговарачката рамка, како дел од „францускиот предлог“ се сметаа и Заклучоците на Советот на ЕУ. Оттаму, манипулативни се тврдењата во колумната дека „вториот протокол со Бугарија“ е „француски предлог“ и дека „Бујар Османи ја потпиша согласноста за менување на Уставот“.
Потоа, Никовски во колумната тврди: „Не смее 20-тина пратеници на Албанците од земјава, да ги надгласуваат 100-тината македонски“. Во овој исказ се содржани неосновани претпоставки – прво, неоснована е претпоставката дека има „20-тина пратеници на Албанците од земјава“. Второ, неоснована е и претпоставката за „100-тината македонски“ пратеници.
Не првпат да се дезинформира јавноста за бројот на пратеници Македонци и Албанци во Собранието. И лидерот на партијата „Интегра“, Љупчо Ристовски, во медиумски настапи пред неколку месеци изнесуваше неточни тврдења дека во Собранието има 100 пратеници Македонци и 20 пратеници Албанци.
Полиграф веќе утврди дека јавните податоци од Собранието ги побиваат овие тврдења. Во Собранието има 120 пратеници, а за гласање со двојно мнозинство на 16.11.2023 биле регистрирани 40 „пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство“, од кои 31 се изјасниле како Албанци.
Оттаму, тврдењата за „100-тината македонски“ пратеници немаат поткрепа, a немаат поткрепа ни тврдењата за „20-тина пратеници на Албанците од земјава“. Ваквите тврдења ги оценуваме како дезинформации кои може да влијаат на нарушување на меѓуетничките односи во земјава.
(СМК)