Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

(24 ГОДИНИ ЦИВИЛ) Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ: По цена на својата лична безбедност, Цивилките и Цивилите ги бранат човековите права и слободи секогаш и секаде, без калкулации и без компромиси

Драги колешки и колеги, соработници, членови, поддржувачи,

Почитувани другарки и другари,

Дами и господа,

Граѓанки и граѓани,

На почетокот, сакам да им се заблагодарам на сите што со своите изјави, говори, пораки и писма ни ја изразија својата поддршка и ни упатија пофалби и критики за нашата работа. За нас, како во изминатите години, така и деновиве, говорат и пишуваат претседателот и високи функционери на државата, политички лидери од власта и од опозицијата, водечки интелектуалци, новинари, експерти, аналитичари, уметници, активисти, дипломати, граѓанки и граѓани од сите заедници… Бескрајно им благодарам во името на сите Цивилки и Цивили, и во мое име. Нивните зборови нѐ прават горди, но и одговорни. Секој збор на пофалба или укажување за нас се повик на уште поголема одговорност и посветеност кон нашите цели и мисија, кон нашите визии.

*
Пред 75 години, Обединетите нации ја усвоија Универзалната декларација за човековите права.

Пред 24 години, една мала група посветени луѓе го основаа Цивил. Основачите и членовите на Собранието на Цивил, како и редакцијата на организациската единица Цивил Медиа се шарени по многу основи – родови, етнички, верски, возрасни… Тие луѓе ја вградија Универзалната декларација за човековите права во статутот и програмските определби. Но уште поважно и позначајно – тие и сите што се приклучија кон организацијата во текот на сите овие години, ги прифатија универзалните вредности и човековите права и слободи како основни принципи и темел на нивните мисли и дејствување. Како начин на живот!

Како може да се опише Цивил?

Цивил може да се опише преку луѓето што членуваат, ја поддржуваат или работат во организацијата, а уште повеќе преку резултатите од нивната работа.

Креативни, несекојдневни, интелигентни.

Бескомпромисни, решителни, храбри.

Бунтовни, горди, правдољубиви.

Динамични.

Прогресивни.

Со ова обраќање, сакам на сите вас да ви честитам за сето тоа и многу повеќе. Нека ни е честита 24-годишнината од основањето на Цивил!

Ве повикувам, заедно да ѝ посакаме успех и постојан раст на нашата организација.
Како што заедно поминавме години на големи и тешки предизвици, но и големи успеси. Заедно ги поднесуваме сите напади, смртни закани, валкани кампањи и омраза. И заедно, со благодарност ги примаме сите пофалби, признанија и добронамерни критики.

Низ годините, станавме како семејство. Големо и сложно семејство, распослано низ целата земја. Некои поактивни, некои потивки, но секој со отворен ум за нови сознанија и за нови решенија за предизвиците на општеството. Како семејство, си честитаме и заедно ги славиме нашите родендени и други лични поводи.

Секогаш ќе се сеќаваме на нив!

Некои од нас прерано заминаа од овој свет. Ќе ги паметиме и ќе го славиме нивните имиња засекогаш: Крешник Ајдини, Мирослав Стојановиќ-Шуки, Зоран Стефаноски, Ристо Поповски и други… Слава им!

Драги Цивилки и Цивили, влегуваме во јубилејна, 25-та година од постоењето.

Затоа, денеска стојам пред сите вас, со чисто срце, со гордост и со бескрајна благодарност за вашата доверба и поддршка. И можам, со цврста увереност, да кажам:

Цивил отсекогаш бил и ќе остане отворена платформа за слободно изразување и дијалог.

Ова е место за сите луѓе кои ја сакаат слободата, кои несебично се залагаат за човековите права, кои во свое и во името на сите други, бараат правда и еднаквост. По цена на својата лична безбедност, Цивилките и Цивилите ги бранат човековите права и слободи секогаш и секаде, без калкулации и без компромиси.

Мои соборки и соборци, треба да се гордееме со Цивил, со вредностите што ги претставува и брани, и треба да се гордееме со  капацитетите што ги изградивме заедно, за да им служат на интересите на сите граѓанки и граѓани. Треба да се гордееме и со придонесот што го дадовме, го даваме и ќе продолжиме да го даваме за демократија, мир, еднаквост, мултикултура, ненасилство и почитување на човековите права и слободи во нашата земја, во регионот и во светот.

Први или меѓу првите

Не еднаш сме биле меѓу првите во светот за многу клучни прашања и предизвици.

Бевме први што проговорија против војната во нашата земја.

Први во акцијата за собирање на оружјето.

Меѓу првите ја потпишавме светската Граѓанска повелба.

Ние сме меѓу првите што го кренаа гласот против автократијата и структурното насилство.

Ние, ЦИВИЛ, сме учесници во сите прогресивни движења и иницијативи во нашата земја и пошироко, почнувајќи од „Ајде!“ до Шарената револуција и иницијативата на граѓанската платформа за борба против дезинформациите и многу други. Ние сме ветерани во глобалната борба против оруженото насилство, меѓу првите организации членки на Меѓународната акциона мрежа за контрола на оружјето и светската коалиција Контрола на оружјето, Глобалниот пакт за мир и многу други. Ние сме дел и од регионалните мрежи Платформа на граѓанското општество, ЛогЕкс и низа други.

*

Во 2008 година, со многу скромни ресурси, влеговме и во една огромна приказна – изборните процеси. Прераснавме во една од најрелевантните организации кои даваат придонес кон подобрување на избирачкото право и спроведувањето на слободни, фер и демократски изборни процеси.

*

Цивил е основач на слободна и отворена медиумска платформа која секојдневно дава придонес кон информирањето на јавноста со релевантни вести и анализи, и придонесува кон јакнењето на слободата на говорот. Цивил Медиа е платформа која објавува вести, анализи и ставови на македонски, албански и англиски. Секогаш кога можеме, објавуваме содржини и публикации и на ромски, српско-хрватско-бошњачки, турски, украински…

*

Оваа изворно мултикултурна организација е цврст и решителен поддржувач на мултикултурализмот и на македонската иднина во ЕУ.

*

Цивил е меѓу првите што го кренаа гласот против геноцидната руска агресија против Украина.

Цивил е меѓу најгласните во повиците против масакрите на цивилното население во воените конфликти на Блискиот Исток, Сирија, Израел, Газа…

*

Ние не функционираме како „уште една невладина организација“, туку сме голема и силна граѓанска организација, повидлива и повлијателна од кога и да е порано.

Ве повикувам, да си честитаме на успесите.

Во оваа, за нас, организациска Нова Година, ве повикувам, секој од нас поединечно и сите заедно – со отворени очи и искрено – како тим и како организација, да креираме и спроведеме најдобри можни решенија за сите предизвици што се пред нас.

Да направиме исчекор кон уште подобра организација, чии ефекти се видливи и трајни.

Да ги браниме нашите вредности и секој ден да бидеме пример за трудољубовост, посветеност и висок професионализам.

Да ја зајакнуваме организацијата секој ден.

Да ги зацврстиме добрите практики и да ги премостиме недостатоците со професионални и одржливи решенија.

Да си покажеме себеси, на јавноста и на сите наши колешки и колеги дека Цивил нѐ заслужува нас и ние го заслужуваме Цивил.

Ви благодарам.

Најново