Студенти на протест на Корнел по скандалот со групното силување

„Затвор, а не есеи“ – со оваа порака илјадници студенти, професори и граѓани излегоа на протест на Универзитетот Корнел во Њујорк, барајќи одговорност за начинот на кој универзитетот постапувал по случајот со студентка која тврди дека била дрогирана и групно силувана од членови на студентското братство „Chi Phi“.

Протестот следува откако случајот повторно ја разбранува американската јавност, а особено силни реакции предизвика информацијата од тужбата на студентката дека на дел од вмешаните им било овозможено да добијат поблаги дисциплински мерки, меѓу другото и со пишување есеи.

Студентката, која во судските документи е идентификувана како „Jane Doe“, тврди дека во октомври 2024 година, кога имала 20 години, била принудувана да консумира алкохол и дрога, по што била сексуално нападната од повеќе членови на братството додека била во состојба во која не можела да даде согласност.

Минатиот месец таа поднесе тужба против седум поранешни членови на „Chi Phi“, братството, локален бар, нејзиното студентско сестринство и Универзитетот Корнел. Обвинетите мажи ги негираат наводите, а дел од нив тврдат дека сексуалниот однос бил со согласност.

Демонстрантите бараат независна истрага за постапувањето на раководството на Корнел, построги и еднакви санкции за сексуално насилство и подобра обука на универзитетската полиција. Дел од студентите побараа и оставка од претседателот на универзитетот Мајкл Котликоф.

Случајот во меѓувреме излезе и од рамките на универзитетот. Гувернерката на Њујорк Кети Хокул ја назначи државната обвинителка Летиција Џејмс за специјален обвинител во повторно отворената кривична истрага.

Корнел претходно го затвори огранокот на „Chi Phi“ и изрече дисциплински мерки за дел од студентите, додека раководството на универзитетот најави преиспитување на улогата на студентските братства и сестринства.

Рацин.мк ве прашува:

Дали ЕУ го признава македонскиот идентитет?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали ЕУ го признава македонскиот идентитет?