Освен во политичките и спортските вести, дезинформации и манипулации има и во вести за економијата и финансиите. Таков е случајот со порталот antropol.mk, кој на 20.11.2023 објави наслов „Вредноста на доларот на најниско ниво – Вредноста на јуанот на највисоко ниво“, во кој се манипулира за вредноста на кинеската и американската валута.
Во насловот нема никаква временска одредница, па оттаму читателите можат логично да заклучат дека „најниско ниво“ за доларот значи дека неговата вредност не била никогаш пониска, а „највисоко ниво“ за јуанот, дека неговата вредност не била никогаш повисока.
Но, тврдењето од насловот се побива уште во првата реченица на текстот: „Вредноста на доларот денес се лизна на најниското ниво во последните два месеци“.
Текстот на „Антропол.мк“ е преземен од текстот на порталот „pari.mk“ со наслов: „Доларот се лизна надолу, сега е најслаб во однос на кинескиот јуан“, во кој исто така нема никаква временска одредница.
Но, не е точно дека на 20 ноември доларот бил „најслаб во однос на кинескиот јуан“, ниту е вистинито тврдењето: „вредноста на јуанот на највисоко ниво“.
Како што може да се види од графиконите на Google Finance, вредноста на доларот во однос на јуанот се менувала во последните 5 години, имало периоди кога вредноста на јуанот била повисока од онаа на 20 ноември 2023. На пример, во последните 5 години во целост, има опаѓање на вредноста на јуанот во однос на доларот. Во последните 12 месеци – има покачување на јуанот. Ако се гледа само 2023 година – има опаѓање, а ако се гледа само последниот месец – има покачување на вредноста на јуанот. Во секој случај, вредноста на доларот на 20 ноември 2023 не е најниската што е измерена во однос на јуанот во овие години.
Токму затоа, насловите без временска одредница на Антропол и Пари.мк може да се оценат како манипулативни и пропагандни. Граѓаните треба да внимаваат со вакви содржини, бидејќи може да ги наведат на погрешни заклучоци и постапки кои би им предизвикале финансиска штета. Доколку се објавени од медиуми со влијание, светската пракса покажала дека ваквите манипулации може да предизвикаат потреси и на финансиските пазари.
(СМК)