Српскиот претседател Александар Вучиќ вечерва објави дека коалицијата „Србија не смее да запре“, предводена од неговата Српска напредна странка, на денешните избори освоила апсолутна победа на републичко и на покраинско ниво, а очекува да ја формира власта и во Белград.
Во првото обраќање по затворањето на гласачките места, Вучиќ рече дека врз основа на 76 проценти преброени гласови, без резултатите од Косово и Метохија, неговата листа сигурно ќе има повеќе од 127 мандати и апсолутно мнозинство во Парламентот на Србија.
На изборите за Собранието на Војводина, Вучиќ кажа дека „Србија не смее да запре“ ќе освои меѓу 67 и 69 пратенички места, а заедно со нивниот традиционален партнер Сојузот на војвоѓанските Унгарци и со СПС, може да се достиге бројката од 84 пратници.
Што се однесува до Белград, тој рече дека мнозинството за формирање на градската власт ќе зависи од Бранимир Несторовиќ, но оти е сигурен дека градоначалник повторно ќе биде Александар Шапиќ.
Лидерот на Социјалистичката партија на Србија (СПС), Ивица Дачиќ, пак, изјави дека не е задоволен од изборните резултатите и дека, според негово лично мислење, треба да се најде нов лидер на СПС.