„Не се ништо ново најавите за блокада на Собранието од албанската опозиција. За волја на вистината, македонската опозиција го блокира веќе четири години“, рече премиерот Димитар Ковачевски.
Албанската опозиција најави блокада на Собранието доколку не се избере нивни член на ДИК, за што премиерот рече дека сепак разговорите мора да се водат во Собранието.
„Се надевам дека до крајот на мандатот нема да има повеќе блокади“, посочи Ковачевски.
Премиерот одговарајќи на новинарски прашања рече дека се уште не биле договорени деталите околу европски фронт со ДУИ, а за комуникацијата со ВМРО-ДПМНЕ рече дека има постојана комуникација на ниво на потпретседатели. Запрашан за евентуална средба со опозицискиот лидере Мицкоски, тој рече дека нема потреба од тајни средби.
„Кога ќе имаме средба таа ќе биде средба која ќе се случи во јавен простор, дали во клуб на пратеници, дали во Собрание, дали на улица ‘Македонија’, сеедно“, рече Ковачевски.
Премиерот Ковачевски на новинарско прашање за евентуално мешање на политиката во случајот со Дрин Ахмети рече дека постапката била како и за секој друг граѓанин.
„Мојот став е така како што е од институциите, дека се работи за регуларна проверка во која било идентификувано лице коешто пренесувало пиротехнички средства“, посочи Ковачевски.
Тој додаде дека целиот случај потоа бил предаден на обвинителството, како што се прави и со секој друг граѓанин кој е затекнат со пиротехнички средства.