Нападот на вработени во контролата на летање е сериозно кривично дело кое може да се влијае и врз безбедноста на воздушниот сообраќај. Според кривичниот законик за тоа е предвидена казна од една до десет години затвор
Откако вчера ескалираше ситуацијата во Македонска навигација (М-НАВ) и беше загрозен абезбедноста на македонското небо од Владата стигна информација дека премиерот Димитар Ковачевски, во консултација со министерката за одбрана Славјанка Петровска и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, на следната седница на владата во вторник ќе побара целото раководство и сите членови на Управниот одбор да бидат разрешени.
Премиерот очекува таквиот предлог да се усвои и по разрешувањето на директорите да се отвори итна постапка за избор на нови раководни лица и Управен одбор во јавен, транспарентен и законски пропишан процес.
Ковачевски ќе го повика Јавното обвинителство, ДКСК, Државниот завод за ревизија, Финансиската полиција и меѓународните тела за контрола на авиосообраќајот да направат целосна ревизија на досегашното работење на М-НАВ за да се гарантира безбедноста на авиосообраќајот во Македонија.
По влчерашната прес-конференција на првиот синдикалец на М-НАВ, Александар Тасевски, кој соопшти дека контролорите на летање и техничарите нема да се откажат од нивните барања за одговорност на раководството на Навигација, три лица неовластено упаднале во зградата и нападнале некои од вработените. Наводно имало и боксови. Јавноста беше шокирана како може да се случи такво нешто во институцијата која има исклучителна одговорност да води грижа за безбедноста на авионите.
Според изворите на Алсат, упадот го водел функционерот на ДУИ, Беким Незири, поранешен министер за економија. Покрај него биле и сопруг на жена која пред неколку месеци била вработена во Навигација. Телма јави дека во упадот учествувал учествувал и Д.Л. полицаец, вработен во СВР Тетово.
Полицијата го потврди пријавувањето на инцидентот, но објави само иницијали од напаѓачот кој е вработен во М-НАВ каде заедно со членови на ДУИ ги напаѓал и тепал колегите кои преку синдикатот се бунеле за злоупотребите на актуелното раководство и распишаните огласи за нови вработувања. Иницијалот на водачот на нападот Б.Н. упатува на Беким Незири. Тој во моментов е советник во М-НАВ.
МВР доцна вечерва соопшти дека во полициска станица се четири лица инволвирани во нападот врз вработени во М-НАВ и со нив се вршат службени разговори, по што во координација со ОЈО ќе бидат поднесени соодветни поднесоци. Исто така, се преземаат мерки за пронаоѓање на уште четири лица. „Ја известуваме јавноста и дека МВР во наредниот период континуирано ќе ја обезбедува зградата на М-НАВ“, се вели во соопштението.
Нападот на вработени во контролата на летање е сериозно кривично дело кое може да се влијае и врз безбедноста на воздушниот сообраќај. Според кривичниот законик за тоа е предвидена казна од една до десет години затвор.