На последната седница на Советот на општина Карпош, градоначалникот Стевчо Јакимовски ги праша советниците од ВМРО-ДПМНЕ дали знаат каде е факултетската диплома на претседателот на ОК ВМРО-ДПМНЕ и актуелен пратеник во Собранието, Тони Јаревски.
„Вие можете да се жештите колку сакате, вербално и интелектуално сум посилен од вас и нема да ви дозволам да правите што сакате со општина Карпош. Поготово не од вас, да се жештите и да се нервирате, а сте познати по купување на дипломи. На претседателот на општинската организација (Тони Јаревски) кај му е дипломата? Зашто ја нема во Водовод и канализација, зашто ја нема дипломата во парламент?“, праша Јакимовски.
Градоначалникот обвини партиски функционери на ВМРО-ДПМНЕ за „купување“ на факултетски дипломи.
„Допрва ќе ви кажеме дека вие сте познати по купување дипломи. И не се навредувајте, кажете така е, да го поживее Господ Никола Груевски, ви отвори факултети, да завршиме факултети за да може да земеме функции“, заврши Јакимовски.
Јакимовски, реагираше и што советничката од ВМРО-ДПМНЕ Адријана Јакимовски Пачемска за советничката од редовите на ГРОМ Добрила Андоновска, инаку хирург на скопските клиники, рекла дека е доктор во наводници.
Јакимовски во своето обраќање изнесе детали за образованието на советничката Пачемски, велејќи дека имал информции дека ѝ се помагало да положи одредени испити.
„Колешката Адријана без трунка срам и перде искочи овде и за доктор Добрила Андоновска, значи докажан хирург, во наводници вика доктор. Колешке Адријана, вчера Ваш роднина разговараше со мене и ми кажуваше колку испити ви положил во Штип. Тој ти е роднина, од Крива Паланка ти е роднина. Ти полагал испити, частел полицијаци, тој така вика. Да ти кажам дека твојата диплома е во наводници. Твојата диплома е во наводници, за дипломата на Добрила никој не вика дека е во наводници, ама за твојата, ти полагале испити“, рече Јакимовски.
По ова следуваше реакција на советниците од ВМРО-ДПМНЕ, но Јакимовски најави и други информации во однос на образованието на советничката Пачемска.
„Имам уште да ти кажам за твојата диплома. Нема што да се срамам“, посочи тој.