Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Платформата на организации против корупцијата: Да се уврди одговорност за инцидентот во М-НАВ

Платформата на граѓански организации против корупцијата, во отворено писмо испратено до медиумите, бара институциите на системот, во целост да ги расветлат деталите околу насилниот инцидент во М-НАВ, кој се случи на 4 jануари, соопштија денеска оттаму, пренесе агенцијата МЕТА. Платформата е составена од 18 членки – организации кои работат на теми од антикорупција, владеење на правото и добро управување.

„Сметаме дека сите оние кои во своето работно опкружување, особено во јавниот сектор, се залагаат и делуваат против партиски вработувања, без разлика на националната припадност при вработувањата, треба да бидат заштитени“, се наведува во соопштението.

Според нив, каков било напад по оние што се одлучиле да застанат во заштита на законитоста при вработувањата, претставува сериозна закана по доброто управување, борбата против корупцијата и клиентелизмот, и ќе делува обесхрабрувачки за идни слични потенцијални иницијативи на работните колективи во јавниот сектор.

„Борбата против корупцијата е должност на сите, па затоа иницијативите кои доаѓаат од јавниот сектор треба да бидат заштитени и поттикнати. Токму затоа, Платформата бара од Државната комисија за спречување на корупцијата, Државниот завод за ревизија и Јавното обвинителство, да се испитаат и сите индиции за корупција или ризици од корупција во работењето на М-НАВ на кои досега е укажано, токму поради потребата од воспоставување на систем во кој ќе се постапува по сигналите за злоупотреба во работењето. Само на тој начин, системот ќе им демонстрира на досегашните и идните сведоци на корупцијата во рамките на институциите дека има поента да пријават корупција, и дека по нивните сведоштва ќе се постапува“, наведено е во соопштението.

Платформата бара одлучна реакција на полицијата и јавното обвинителство за да се утврди кривична одговорност и овозможи заштита на оние кои пријавуваат, а од Владата како основач на М-НАВ да утврди морална и политичка одговорност кај оние што се вклучени.

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново