Во пресрет на двојните претседателски и парламентарни избори, за политичкиот блок партии на Албанците, очигледно, исклучително важна е поддршката на социјалистите Албин Курти и Еди Рама.
Веќе е објавено дека косовскиот премиер и лидер на „Самоопределување“, Албин Курти го поддржува блокот на албанските опозициски партии во рамките на коалицијата Европски сојуз за промени (ЕСП), во која се Движењето БЕСА, Демократското движење и Алтернатива. Социјалистот Еди Рама во средата од Скопје, преку шефот на албанската дипломатија, Игли Хасани, индиректно испрати порака дека Албанија ги поддржува партиите од парламентарното мнозинство, нагласувајќи дека: „Албанија ги поддржува проевропските сили во Северна Македонија“.
Запрашан за најавите за делување на движењето „Самоопределување“ на Албин Курти на политичката сцена во Северна Македонија, министерот за надворешни работи на Албанија, Игли Хасани, рече дека ја претставува Република Албанија и дека ги поддржува проевропските сили на Албанците во Република Северна Македонија.
– Јас сум претставник на Република Албанија. Дојдов овде да ги поддржам прогресивните, проевропските сили на Албанците и на Северна Македонија – во нивните јасни позиции за вашата европска иднина, рече Хасани.
Шефот на дипломатијата и висок партиски функционер на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Бујар Османи, повторно ги коментира најaвите за учество на „Самоопределување“ на следните парламентарни избори со номинирање и кандидирање на свои луѓе на заедничките листи на албанската опозиција.
Според Османи тоа не е ништо ново бидејќи, како што рече, такви напори имало и претходно и тоа нема директно влијание на политичката сцена.
– Обиди за директни поддршки и учества имало и порано од претседателскиот кандидат, кој потоа беше министер во владата на Косово, преку учество на високи експоненти на предизборните собирања и митинзи. И тоа покажа дека политичката сцена на Албанците во Република Северна Македонија е консолидирана и не очекувам, како што не влијаеше претходно, да влијае и сега. Вториот аспект е фрагментирањето на политичката сцена. Тука не зборувам како министер за надворешни работи, туку како претставник на Албанците. Фрагментирање на албанската политичка сцена во повеќе помали партии ја ослабнува моќта да се претстават соодветно во државата, бидејќи има една тенденција, поттикната од надворешни фактори, но малку и од внатрешни, Албанците во Северна Македонија да се организираат во секој град да имаат политичка партија и секој град да има свој политички лидер и така тие да се занимаваат со локалните прашања и меѓу себе, за да нема една политичка платформа што ги претставува Албанците и да ја пренесе нивната политичка волја во институциите, изјави Османи одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција со албанскиот колега Игли Хасани.
Од друга страна, лидерите на Европскиот сојуз за промена, Африм Гаши, Билал Касами и Изет Меџити, заедно со советникот на премиерот Курти за Северна Македонија, Беким Ќоку, за време на нивната официјална посета на Вашингтон, реализираа средба со сенаторката Џони Ернст – ко-претседателка на групата за албански прашања на американскиот сенат и претседателка на Комитетот на Републиканците за политиките во Сенатот.
– Потврдувајќи го стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави, на овој состанок се изрази јасниот став дека Албанците остануваат посветени на продлабочување на соработката со САД и ЕУ, како единствена опција која обезбедува мир и стабилност во регионот, се вели во соопштението од ЕСП.
Додека лидерот на ДУИ во Скопје се сретна со министерот за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Игли Хасани.
– На средбата се разговараше за актуелната политичка ситуација, процесите во кои се наоѓаат двете земји, евроинтеграцискиот пат како и случувањата во регионот. Ахмети детално ја елаборираше иницијативата на Европскиот фронт и ризиците од растечкото влијание од Русија во земјата и регионот. Ахмети и Хасани се согласија дека Европската Унија е единствената алтернатива за нашиот регион, соопштија од ДУИ.
„Фронтлајн“ од партиски извори дознава дека во однос на изборните комбинаторики, деновиве во Тирана ќе се сретне лидерот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари со премиерот на Албанија и лидерот на Социјалистичката партија, Еди Рама.
Дестан Јонузи (Фронтлајн)