ДЕХРАН МУРАТОВ
Чудно, „патриотите“ годинава не креваат хистеријата и не шират националистичка пропаганда со која лани ги заплашуваа граѓаните дека мора, дури и по цена на живот, да го бранат гробот на Гоце Делчев од Бугарите, оти како што тогаш тврдеа: „Ако го изгубиме Гоце Делчев – ќе ја изгубиме историјата, се губиме сами себе како Македонци“.
Можеби оваа годинава се мирни бидејќи благодарение на онаа мала елитна единица т.н. „гоцева стража“, пред една година успешно го „одбранија“ македонскиот идентитет, јазик, писмо, македонската народна песна, народна носија, македонското сирење, домашната ракија, македонскиот ајвар и македонското сонце…, кога „херојски“ цела ноќ „стражареа“ на гробот на Гоце Делчев (најголемиот дел од нив на тастатура), и на денот на одбележувањето на неговиот роденден, 4 февруари.
Или пак, можеби оваа година „патриотите“ предводени од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ, „Гоце Делчев“, предводен од Александар Пандов, како и Јанко Бачев, Петар Богојески, Димитар Апасиев…, мирно (ќе) спијат поради новата техничка влада, предводена од премиерот Талат Џафери, или можеби имаат поголема национална сигурност затоа што има министер за внатрешни работи од редовите на ВМРО-ДПМНЕ (личен пријател и адвокат на опозицискиот лидер)…
Меѓутоа, да потсетиме и на тоа дека минатата година за добивање на ситни политички поени, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки дезинформираше дека наводно вицепремиерот Артан Груби не се поклони на гробот на Гоце Делчев, обидувајќи се да внесе меѓуетничка нетрпеливост и да предизвика говор на омраза на социјалните мрежи.
На крај, ниту е изгубен ниту може да се изгуби или украде идентитетот, јазикот, нацијата…
Дали повторно ќе има политички фолклор за одбрана на Гоце!? (ЦивилМедиа)