Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Никола Наумоски: Украина со помошта на целиот слободен свет ќе победи во оваа војна

Би сакал да бидам дел од група на луѓе, нација, која што храбро се бори против посилниот и поголемиот противник, која стои на браникот на демократијата во континентот, која своите внатрешни политички односи, обременети и корумпирани од руското влијание изминатите децении, ќе успее да ги реши со завршувањето на војната. Би ми било драго да сум дел од еден нов почеток, на една релативно млада демократија која конечно се ослободила од крволочните заби на втората најмоќна армија, но истовремено и од корумпираните политичари кои денес гледаме дека имаат руска заштита и со право можат да се сметаат за национални предавници, изјави новинарот и аналитичар Никола Наумоски на вчерашната конференција „Украина – година на хероизмот“, на невладината организација за човекови права и слободи, ЦИВИЛ – Центар за слобода и Амбасадата на Украина во Република Северна Македонија.

Русија е без дилема диктаторска држава. Ја владее тиранин кој планира да биде претседател додека е жив, се избира на недемократски избори каде добива математички неверојатни бројки, убива политички противници, одржува олигархија која економски го поробува неговото население и медиуми кои сеат омраза и страв. Путин во 2023 е споредлив со најлошиот советски диктатор во 1923. Советските и руски лидери во годините измеѓу, изгледаат како прогресивни и умерени, во споредба со владеењата на Сталин и Путин. И двајцата одговорни што најголемата земја во светот ја уназадиле во развојот на штета на своите граѓани, но и на земјите околу нив, истакна Наумоски.

Според него, „Владимир Путин е несомнено закана за светот, Европа, соседите на Русија… но, тој е закана и за државата која ја води“.

Никогаш порано Русија немала толку малку пријатели во светот, никогаш порано немало толку изразени антипатии во меѓународните организации, или пак толку строги санкции во трговијата и соработката со остатокот од светот. Затвореноста на Русија денес е поизразена дури и од најмрачните времиња во студената војна, кога СССР по своја волја, а не заради санкции, бил изолиран од „првиот свет“. Работоспособните мажи не смеат да ја напуштат земјата заради мобилизација, руските патнички авиони се приземјени, квалификуваните работници се десеткувани заради мобилизацијата, жените се обвиени во црно, а студентите и средношколците чекаат кога ќе бидат мобилизирани“, нагласи аналитичарот.

Осврнувајќи се на Украинците и нивната држава, тој изјави дека тие се соочуваат со „илјадници цивили мртви, милиони бегалци, десетици илјади изгубени војници, стотици илјади куќи и станови изгорени до темел и уште којзнае какви последици врз ресурсите и животната средина во земјата се дел од точно немерливите последици од руската агресија врз Украина“.

Сигурен сум дека Украина, со помошта на целиот слободен свет, ќе победи во оваа војна и искрено се надевам дека никакви територијални отстапки нема да бидат дел од конечниот мировен договор. На континентот му е потребно долгорочно мировно решение по оваа војна и тоа не може да дојде по цена на понатамошно незадоволство на силуваната и злоставувана страна – Украина. Искрено сметам дека овој мир за кој што зборувам е невозможен со Путин, или некој како него, на чело на Руската Федерација, заклучи Наумоски.

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново