Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Континуитет на ВМРО-ДПМНЕ е инсистирањето на националистичката реторика

„Контекстот во кој се одвива предизборната кампања содржи низа непознаници во поглед на ветувањата и барањата на одделни политички партии. Сепак, сметам дека уште сега се издвојува опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Оваа партија, впрочем, од основањето па до денес, консеквентно, да не речам – тврдоглаво и упорно, истрајува во своевиден антиалбански дискурс и тоа главно во пресрет на избори во земјава“, изјави долгогодишниот новинар и политички аналитичар Сељадин Џезаири, коментирајќи ја реториката и политичките актуелности во земјава во пресрет на изборната кампања за двојните претседателски и парламентарни избори.

Сељадин Џезаири

– Како да потврдува дека потценувањето и сеењето омраза и е главното ветување кон нејзиното гласачко тело. Чувствувам дека и сегашното партиско водство не извлече поука од погубниот курс, започнат уште од крајот на осумдесеттите години на минатиот век, со девизата „рани куче да те лае”, насочен токму против Албанците. Настаните врзани со уставната комисија и Собранието кое го прогласи првиот Устав (1991), па непрекинато до 2001 година а и потоа, кога се работи за прашања врзани за Албанците, зборуваат дека водството на „најмакедонската партија” до сега нема извлечено поука токму за прифаќањето на фактот дека Албанците уште од Крушевската република, сакаме или не, се непобитна реалност! За да не бидам погрешно разбран: со сите права и обврски, изјави Џезаири за „Фронтлајн“.

Ценам, додава тој, дека моментумот во кој се наоѓаме, како општество, изискува поинакво пристапување кон нештата кои, нели, би требало да се најдат во центарот на вниманието на јавноста и следствено тоа и на гласачите.

– И покрај предизборните резерви кон процесот на пристапување во Европската Унија, односно непризнавањето на договорот со соседната Бугарија во поглед на промената на Уставот, сегашниот анимозитет кон првиот премиер Албанец, Талат Џафери, кој, нели, беше поинаков кога беше избран исто така за прв министер Албанец во Министерство за одбрана, и тоа вклучително и со гласовите на пратеничката група на ВМРО- ДПМНЕ, потоа кон ДУИ, сепак очекувам дека по изборите ова партија ќе ја смени плочата. Во спротивно ќе (ни) ѝ се повтори неславната историја од деведесеттите години на минатиот век, нагласи тој.

Зоран Бојаровски

Од друга страна за новинарот и политички аналитичар Зоран Бојаровски вели дека  непознато е дали ВМРО-ДМНЕ ќе се освести, бидејќи, како што вели, „не гледам ништо што навестува такво нешто“.

– Некој можеби ќе рече дека е рано, дека ги чуваат аргументите за своите политики за изборната кампања, но она што е парадоксално е дека во актуелната, постоечка реторика, нема никакви навестувања барем за контурите на кои би се изградила изборната програма. Она што го гледаме е само континуитет на критики на политиките на актуелната власт без да се понуди конкретна алтернатива. На пример за стратешките инвестиции во енергетиката. Ги негираат придобивките кои практично значат целосна енергетска независност на земјата, а не кажуваат како планираат да го решат прашањето на ризиците со кои се соочуваме како земја зависник од енергетскиот глобален пазар, изјави Бојаровски за „Фронтлајн“.

Според него, уште еден континуитет на ВМРО-ДПМНЕ е инсистирањето на националистичката реторика којашто ја спротивставуваат на нашиот евроинтегративен процес.

– Сега се препознава зошто ги блокираа уставните процеси и со тоа ги запреа преговорите со ЕУ. Само за да го цедат националистичкиот наратив и да шират евроскетицизам како добитничка изборна карта. Но во врска со ова прашање, во сопственото слепило забораваат дека нема да можат да формираат влада без коалиција со партија на Албанците, која, која и да биде, прво што ќе им испорача како услов е брзата промена на уставот за да продолжи процесот на преговори со ЕУ, а некако се повеќе мислам дека ќе има и други услови кои ќе бидат тешки да бидат проголтани, баш заради сопствениот национализам, нагласи тој.

Формирање техничка влада на сто дена пред избори беше воведено како законско решение за парламентарните избори во 2016 поради недовербата во изборниот процес, а по избирањето на скандалот со масовното прислушување и објавување на т.н. „бомби“ и влегувањето во политичка криза.

Тогаш, за првпат се формираше преодна влада која беше предводена од Емил Димитриев од ВМРО-ДПМНЕ. За парламентарните избори во 2020 година, пак, на чело на техничката влада беше Оливер Спасовски, кој наместо сто дена, остана на функцијата осум месеци (од јануари до август 2020) бидејќи имаше пролонгирање на изборите поради ковид-пандемијата.

Изборите на 8 мај – ќе бидат 11 по ред од независноста на државата. Покрај парламентарни, ќе има и претседателски избори (седми по ред) – првиот круг ќе се одржи на 24 април, а вториот на 8 мај заедно со парламентарните.

Дестан Јонузи (Фронтлајн)

Најново