Советот на ЕУ денеска воведе рестриктивни мерки против шест лица и еден субјект, осомничени за активности за дестабилизација, поткопување или загрозување на суверенитетот и независноста на Молдавија, јави дописникот на МИА од Брисел.
Според високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел, Молдавија е една од најпогодените земји од последиците од илегалната руска инвазија врз Украина и е изложена на „сериозни, зголемени и континуирани обиди за дестабилизација“.
– Денешните мерки испраќаат уште еден важен политички сигнал за непоколебливата поддршка на ЕУ за Молдавија, нејзината стабилност, независност и суверенитет. ЕУ останува решена да продолжи да се бори со оние кои го дестабилизираат нашето директно соседство, додаде Борел.
Со санкциите се опфатени паравоената организација Штит на народот (СП), која „постојано се обидува да ја поткопа демократската Влада на Молдавија“, вклучително и преку поттикнување немири и насилни демонстрации. Дополнително, меѓу санкционираните е и лидерот на СП.
Меѓу, останатите лица кон кои се воведуваат санкции се и заменик-шефот на Одделот за оперативно разузнавање на руската Федерална служба за безбедност, одговорен за тајни операции на Русија во Молдавија, особено во регионот Придњестровје, почнувајќи од 2016 година, како и директори на медиумски компании што поседуваат неколку телевизиски канали во земјата, кои „често промовираат пораки насочени кон попречување и поткопување на демократскиот политички процес“ во земјата.
На листата на санкционирани се и други поединци осомничени за ширење дезинформации и поттикнување насилство и страв или поврзани со случајот „Банкарска измама“.
На сите санкционирани и се замрзнува имотот во ЕУ, а на граѓани и компании од Унијата им се забранува да им ставаат средства на располагање. Дополнително, на шесте физички лица кои се предмет на казнените мерки им се забрана за патување, влез или транзит низ територијата на ЕУ.
Советот на ЕУ посочува дека обидите за дестабилизација на Молдавија значително се зголемиле од почетокот на руската агресија врз Украина пред две години и претставуваат директна закана за стабилноста и безбедноста на надворешните граници на Унијата.
– ЕУ останува непоколеблива во својата поддршка за Молдавија, нејзината издржливост, безбедност, стабилност, економија и снабдување со енергија во услови на дестабилизирачки активности поттикнати од надворешни актери, се додава во соопштението.
На барање на Молдавија, на 28 април 2023 година ЕУ воспостави Рамка за рестриктивни мерки против лица одговорни за поддршка или спроведување на активности кои ги поткопуваат или загрозуваат суверенитетот, независноста, демократијата, владеењето на правото, стабилноста или безбедноста на Молдавија. На 30 мај 2023 година, Европскиот совет го усвои првиот пакет со пет лица санкционирани согласно оваа Рамка.
Молдавија во јуни 2022 година доби статус на земја кандидат за членство во ЕУ, а на Самитот на Унијата на 14 декември 2023 година, европските лидери донесоа одлука за старт на пристапните преговори со земјата.