Партијата на италијанската премиерка Џорџа Мелони, „Браќа на Италија“, и нејзините сојузници од десничарската коалиција ја задржаа власта во централната италијанска област Абруцо, откако актуелниот десничарски гувернер Марко Марсилио на вчерашните локални избори освои повеќе од 53 отсто од гласовите.
Британските медиуми пренесуваат дека кандидатот кој беше поддржан од сите главни опозициски партии доби поддршка од околу 46,5 отсто од гласачите, покажуваат денеска објавените резултати од изборите.
Овој резултат, додаваат британските медиуми, ќе и даде поттик на Мелони пред европските избори во јуни, со што ќе се зацврсти позицијата на нејзината партија „Браќа на Италија“ како доминантна сила во италијанската политика.
„Браќа на Италија“ освоија околу 24 отсто од гласовите на изборите во Абруцо, додека централно-левичарската Демократска партија освои 20,4 отсто од гласовите.
Десничарската партија „Форца Италија“ освои повеќе од 13 отсто од гласовите, а „Лига“ на Матео Салвини освои 7,6 отсто од гласовите на изборите во Абруцо. Двете партии се коалициски партнери на „Браќа на Италија“.
На локалните избори во Сардинија, кои се одржаа пред две недели, десничарската коалиција претрпе пораз од блокот на левиот центар.