Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Со изложбата „Реминисценции“ на Ѕингаров започна богатата годишна програма на КИЦ во Софија

Вечерва во Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија беше отворена изложбата „Реминисценции“ на познатиот македонски сликар што живее и работи во Софија – Марјан Ѕингаров.

За апстрактното сликарство на Ѕингаров говореа д-р Иво Пецов, познатиот бугарски новинар Даниел Ненчев, како и директорот на КИЦ, д-р Сашко Насев, кој се осврна на естетиката и културата која секогаш гради мостови меѓу луѓето, каде и да се и кои и да се.

Марјан Ѕингаров

Во присуство на голем број дипломати, уметници, новинари и пријатели на КИЦ, изложбата ја отвори амбасадорката на РСМ во Бугарија, Н.Е. Агнеза Руси-Поповска, која потенцираше дека ќе работи во унапредувањето на односите меѓу двете држави.

Н.Е. Агнеза Руси-Поповска и Сашко Насев

Сликарот Марјан Ѕингаров, заблагодарувајќи им се на сите присутни, емотивно ги повика гостите да уживаат во изложбата „Реминисценции“. Ѕингаров прими благодарница од Сашо Тодоровски, директор на културните институции во Куманово, за несебичната помош во воспоставувањето на уметничките врски меѓу Куманово и Русе.

На изложбата авторот го претстави својот последен циклус од сликарски дела изработени на платно, со комбинирана техника и употреба на акрилни бои.

Марјан Ѕингаров е роден 1976 г. во Струмица. Дипломирал во 2002 г. и магистрирал во 2005 г. на Националната Ликовна Академија во Софија, Бугарија. Има реализирано девет самостојни изложби во Северна Македонија, Бугарија и Романија. Учесник на групни изложби во Северна Македонија, Бугарија, Грција, Србија, САД, Англија, Шпанија, Швајцарија, Италија, Полска, Чешка, Романија. Носител е на Годишната награда на Општина Струмица, Св. Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици за 2022, за особен придонес во областа на културата и уметноста.

Со овој величествен културен настан започна богатата програма на КИЦ на РСМ во Софија за 2023-та година.

Зачлени се на нашиот е-билтен