Изборната победа и преземањето на власта е голема одговорност, обвсрка да се реализира ветеното, да се продолжи патото кон ЕУ и да се почитуваат склучените договори, оценуваат меѓународни аналитичари и експерти за Гласот на Америка, коментирајќи ја изборната победа на Гордана Сиљановска Давкова на претседателските и на ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори во Северна Македонија.
– Изборната победа е чест, за претстојната претседателка Гордана Силјановска и за господинот (Христијан) Мицкоски и неговиот тим кој извојува победа на парламентарните избори. Но, тука доаѓа и голема одговорност. А тоа е да ги реализира своите ветувања, а тоа значи приоретизирање на владеењето на правото, справување со корупцијата, подобрување на економијата и продолжување на патот кон ЕУ“, вели Филип Рикер, поранешен американски амбасадор во Скопје, и поранешен помошник – државен секретар на САД.
Тој смета дека проширувањето на ЕУ нема алтернатива и тоа е иднината за Македонија.
– Забележувам вистински моментум за проширувањето, таков тон доаѓа во Брисел, и од другите главни градови кои се важни за проширувањето, сега е време да се придвижи земјата напред, коментира Рикер.
Едвард П. Џозеф, балкански аналитичар на Факултетот за меѓународни студии при Универзитетот Џон Хопкинс смета дека новата влада во Скопје треба да покаже лидерство, со оглед на огромната поддршка што ја доби на изборите.
– Треба да се надеваме дека Мицкоски разбира дека има одговорност кога ќе ја води владата, а не да биде опозиционер или да биде во политичка кампања. Односите со Грција се фундаментални, Договорот од Преспа е важечки, обврзувачки за двете страни, иако не е многу популарен. Тој ѝ помогна на земјата, го зачува нејзиниот идентитет и се надевам дека Мицкоски го разбира тоа, вели Џозеф.
Предизвиците кои претстојат во односите со Бугарија околу уставните измени, тој очекува дека ќе бидат клучни за издржливоста и еластичноста на новата коалициона власт во Северна Македонија.
– Ќе има албански партнер во Владата како дел од коалицијата. Веројатно тоа ќе бидат досегашната опозиција Влен. Тие ќе имаат предизвик, затоа што Влен се обврза да гласа за уставни измени. Што ќе се случи ако по шест месеци од владеењето на Владата на ВМРО – ДПМНЕ не се гласа за тие измени? Што ќе се случи во Северна Македонија? Ова е отворено прашање, изјави Џозеф.
Пол Мекарти, директор за Европа при Меѓународниот Републикански Институт (ИРИ) ги коментираше идните односи меѓу Северна Македонија и Бугарија, со оглед дека доаѓа нова политичка гарнитура во Скопје.
– Ќе бидат потребни студени глави за да се придвижат двете земјите напред, но и многу дипломатија од Брисел и од Вашингтон, за да го олесни процесот дека крајната цел мора да биде Северна Македонија да стане членка во ЕУ, смета Мекарти.
Ерван Фуере, поранешен амбасадор на ЕУ во Скопје не смета дека сега се отвара можност за поголемо влијание од Москва, со оглед дека на власт доаѓа десно-ориентирана партија.
– Јасно е дека Русија ќе ја искористи секоја можност за дезинформации и тактики кои ги користат за ширење на лажни информации насекаде на Балканот. Не верувам дека тоа ќе наиде на плодна почва во Македонија. Една предност за новата влада во Скопје е што по европските избори ќе има нови десничарски влади ширум Европа. Затоа што ВМРО е десно-ориентирана партија, може ќе најдат поголема поддршка за нивните аргументи против бугарските барања на патот кон ЕУ“, вели поранешниот прв дипломат на ЕУ во Скопје.
Мекарти од ИРИ смета дека „сите земји во регионот се соочуваат со странско мешање од авторитарни земји, како од Русија и од Кина, но за разлика од другите земји во регионот, Македонија нема такво влијание“.
Надја Музикина, заменичка – директорка за Централна и Источна Европа при Националниот демократски институт (НДИ) ја потенцира неопходноста од почитување на меѓународните договори, независно кој е власт.
– Не веруваме дека има закани по Преспанскиот договор сега кога Северна Македонија има нова влада, и очекуваме дека ВМРО-ДПМНЕ и новата претседателка ќе останат на патот кон ЕУ, изјави претставничката од НДИ.
Според неа, регионот минува низ турбуленции и затоа е неопходен поголем фокус на меѓународната заедница кон Балканот.
Запрашана, дали е загрижена дека С Македонија и регионот се соочуваат со обновени етнички тензии во услови на забавување на проширувањето на ЕУ, но и пораст на про-руски влијание, таа вели дека „етничките тензии секогаш претставуваат загриженост, не само во Северна Македонија, туку и во регионот како целина“.
– Има забавување на дијалогот меѓу Косово и Србија, има тензии во Босна и Херцеговина, уназадување на реформите во Црна Гора. Важно е Северна Македонија да остане на про-европскиот курс, но секогаш треба да се има предвид и да се внимава од руското влијание во земјата, предупредува Музикина.
Аналитичарите сметаат дека пренасочување од лево кон десно по изборите во Северна Македонија е поттикнато од гневот на гласачите поради бавниот економски развој и постојаната корупција која го разјадува системот, што, според нив, влијае за забавување кон пристапувањето во ЕУ. (МИА)