„СДСМ е голема политичка партија. СДСМ како носител на извршната власт во државата покажа капацитет дека може да придонесе да се случат избори по највисоки демократски стандарди. На изборниот процес можат да ни позавидат и земјите членки на Европската Унија. СДСМ исто така покажа капацитет, доблест во ситуација кога се покажа дека јасно губи за претседателските избори знае да одигра за државата. Излеговме и гласавме да има цензус. И тоа не е за аплауз ама треба да се нотира. СДСМ знае да покаже дека знае да избере претседател на најдобар можен начин“, рече Јован Деспотовски, директорот на ТИРЗ и член на раководството на СДСМ, во Студио 10 на Телевизија 24.
Тој додаде дека очекува изборот на кандидат за претседател на СДСМ ќе се одржи во фер постапка преку презентирање на програми и концепти.
„Ако веќе тоа сме го овозможиле во рамки на државата, нема причина да не можеме да го обезбедиме тоа во рамки на партијата. Не се делегатите тие што го бираат претседателот. Системот е поставен на начин што ја прави СДСМ една од ретките партии во регионот и во Европа, што бира претседател на непосреден начин и тоа е добро“, заклучи Деспотовски.
Важно е СДСМ да се позиционира како сериозна водечка опозициска партија, смета тој.
„Треба да си дозволиме да зборуваме за позитивни работи во целата оваа ситуација за СДСМ. Она што дава надеж ако сме доволно мудри и доблесни во овој период е да продолжиме напред и да станеме повторно политичка сила во државата. Една од добрите работи во целата ситуација е што СДСМ остана една од најголемите политички партии во државата по овие избори. Факт е дека по бројот на гласови сме пред политичката партија ДУИ. Важно е СДСМ да се позиционира како сериозна водечка опозициска партија. Ако се базираме на принципи, вредности и на политики коишто треба повторно да ги презентираме пред граѓаните и да ги поттикнеме да не слушаат па потоа да ја вратиме довербата. Треба да си ги заслужиме местото“, рече Деспотовски.
Тој посочи дека како член на СДСМ вчера добил информација преку медиумите дека партискиот претседател дал оставка, што според него е задоцнет чекор, меѓутоа чекор во вистинска насока.
„Очекувам овој чекор да го следат и сите останати членови на раководството на партијата за да може веднаш да се премине во делот на отворена дискусија за тоа кои се причините за овој резултат“, заклучи Деспотовски.