Премиерно прикажување на уметничкото видео „Вештини за оживување“ на авторката Клелија Живковиќ

Во четврток, 30 мај, во 20 часот во КСП Центар Јадро премиерно ќе се прикаже уметничкото видео „Вештини за оживување“ на авторката Клелија Живковиќ. „Вештини за оживување“ е партиципативен уметнички проект и метод кој се занимава со оживувањето како вродена карактеристика која нѐ обединува нас луѓето со остатокот од живиот свет.

Во сегашноста натежната од неправди, насилство и експлоатација, нашата цел е да го истражиме потенцијалот на овие вештини за оживување како избори кои може секој да ги адаптира на своите можности и потреби и, спротиставувајќи им се на насилните и опресивните системи, да ги преземе како чекор кон светот кој оживува.

Учесници и ко-автори на овој проект се Никола Игновски, Христина Крстевска, Крсто Глигорјадис и Магдалена Таневска. Во периодот од три месеци, петчлениот тим го истражуваше сопственото и колективното оживување преку работилници базирани на методи инспирирани од изведувачките уметности. Секој од членовите на тимот дефинираше своја „вештина за оживување“ – одлука, избор или дозвола да ја напушти состојбата на преживување и целосно и бунтовно да оживее. Отфрлајќи ја заблудата дека, да бидеме живи значи да се чувствуваме добро, се поддржуваме едни со други и си овозможуваме да чувствуваме сѐ, згрижени во нашата безбедна заедница.

Како краен исход од овој процес произлезе уметничкото видео „Вештини за оживување“. Тимот кој работеше на видеото го сочинуваат Гоце Лалковски (директор на фотографија и камера), Дијана Димитриевска и Дарко Степиќ (музика) и Бисера Михајловска (монтажа).

Овој проект е дел од Артс Хаб програмата на КСП Центар Јадро, поддржана од Фондацијата Отворено Општество во Северна Македонија. 

Фотографии: Стефан Божаров

Зачлени се на нашиот е-билтен