Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Како комеморациите на Денот Д станаа сцена за дипломатија и геополитика

Оваа година на одбележувањето на историскиот Ден Д во Нормандиија, ќе биде присутен ипретседателот на Украина Зеленски и ќе застане до Макрон, Бајден и европските лидери. На плажите во Нормандија, западот сака да покаже дека е пообединет од кога било во однос на Русија и за поддршката за Украина.

Преземено од Франс 24

Американскиот претседател Џо Бајден, германскиот канцелар Олаф Шолц, канадскиот премиер Џастин Трудо, украинскиот претседател Володимир Зеленски и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, заедно со останатите шефови на држави и влади, на кралски семејства од 25 земји, ќе присуствуваат денеска на комеморацијата по повод 80 годишнината од инвазијата на Нормандија на 6 јуни 1944 годива во чест на повеќе од 150.000 војници кои ги започнаа завршните операции за крај на Втората светска војна и за победа на сојузничките сили над силите на нацистичка Германија.

Одбележувањето на Денот Д стана клучен политички и дипломатски настан за многу светски лидери. Иако, станува за историски настан од огромно значење, беа потребни неколку децении сеќавањето на Денот Д да добие меѓународно значење.

Само неколку стотици луѓе ја одбележаа првата годишнина од операцијата „Оверлорд“, кодното име за битката кај Нормандија, на 6 јуни 1945 година. Втората светска војна сè уште не беше завршена во Пацификот, па церемонијата беше ограничена на делегација во која беа амбасадорите на Соединетите Американски Држави, Обединетото Кралство и Канада, заедно со француските министри за војна, морнарицата и воздухопловните сили, на состанокот во градот Ароманш.

Во годините што следеа, и додека Нормандија закрепна од војната, комеморациите беа речиси исклучиво воени и главно француски. „Тие повеќе личеа на популарни локални настани“, вели Тристан Лекок, вонреден професор на Универзитетот во Париз Сорбона и специјалист за современа воена историја.

Десет години подоцна, во 1964 година, комеморациите за прв пат беа емитувани во живо на телевизија. Но, францускиот претседател, Шарл де Гол, не присуствуваше на церемониите.

„Тој одби да го одбележи 6-ти јуни, со оглед на начинот на кој се однесуваа кон него во времето на слетувањето на Денот Д. Тој не беше вклучен во дискусиите или во спроведувањето на планот“, објаснува историчарот Денис Пешански.

Де Гол претпочиташе да присуствува на комеморациите на 15 август 1964 година на слетувањето на војниците на брегот на Средоземното Море на југот на Франција и да ја нагласи улогата на француските единици, особено трупите со седиште во француска Северна Африка, во Ослободувањето на Франција.

Во 1974 година, Валери Жискар Д’Естен, новоизбраниот француски претседател, исто така не отпатува во Нормандија, туку едноставно го испрати својот министер за вооружени сили, Жак Суфле, да ја претставува владата.

Во 1981 година, откако беше избран за претседател, Франсоа Митеран го врати полното и заслужено значење на овој историски настан.

Пресвртница во одбележувањето на Денот Д од 1984 година

Вистинската пресвртница за комеморацијата на Денот Д и неговото значење во глобалната политика дојде во 1984 година. За прв пат, францускиот претседател покани шест шефови на држави, вклучително и американскиот претседател Роналд Реган и англиската кралица, на меѓународна церемонија на Плажата Јута, на која присуствуваа илјадници ветерани.

Поранешниот претседател на САД Роналд Реган со неговата сопруга во еден од бункерите на плажите во Нормандија во 1984 година

Во Поен ду Хок, каде ренџерите на американската армија водеа жестоки битки со германските војници, Реган беше снимен во бункер со неговата сопруга Ненси, додека Митеран се сретна со кралицата Елизабета Втора на британските гробишта во Баје. Пешански вели дека ова е „почеток на големите комеморации кои овој настан го правија глобален“.

По периодот на детантот, односно во раните години на студената војна кога оживејаа тензиите Исток-Запад, особено со кризата со ракетите од среден дострел меѓу тогашниот СССР и НАТО, целта на францускиот претседател во овој период беше да го покаже својот раст и да ја нагласи важноста на трансатлантските врски: „За време на церемонијата, тој беше единствениот што зборуваше. Тој се позиционираше, до одреден степен, како гарант на западната алијанса“.

Во 1994 година, при крајот на неговиот втор мандат, Митеран повторно претседаваше со меѓународната церемонија за 50-годишнината од Денот Д, на која присуствуваа десетина шефови на држави. Геополитичкиот контекст беше целосно променет, пет години по падот на Берлинскиот ѕид и последователното обединување на Германија. Студената војна беше завршена. Полска беше поканета за прв пат, претставена од нејзиниот претседател Лех Валенса.

Во 2004 година дојде редот на Русија и Германија да учествуваат на комеморациите. Рускиот претседател Владимир Путин беше присутен на Голд Бич, како и германскиот канцелар Герхард Шродер. Меѓусебните ветувања за пријателство меѓу Шродер и францускиот претседател Жак Ширак во Меморијалниот музеј во Каен беа уште една историска епизода. „Европа ја научи лекцијата, а ние Германците нема да ја избегнуваме“, изјави Шродер, додека францускиот претседател одговори: „Французите ве примаат повеќе од кога било како пријатели. Те примаат како брат“.

Меѓусебните ветувања за пријателство меѓу Шродер и францускиот претседател Жак Ширак во Меморијалниот музеј во Каен беа уште една историска епизода

Во 2004 година, додека се славеа вредностите на мирот и помирувањето, природата на церемониите на Денот Д, исто така, се промени. Со реконструкцијата на настаните и со импровизираната инвазија, тие станаа спектакл кој веднаш го прифатија телевизиите.

Нормандиски формат

Во 2014 година, како дел од 70-годишнината, беше поставен сегашниот формат на комеморацијата со меѓународен карактер на Денот Д, кога претседателот Франсоа Оланд беше донаќин на 24 шефови на држави, шефови на влади и монарси на плажата Сворд.

Тензиите меѓу Западот и Русија околу Украина беа главната грижа на лидерите на овие комеморации. Оланд, во консултација со германската канцеларка Ангела Меркел, одлучи да ги покани рускиот претседател Владимир Путин и неговиот украински колега Петро Порошенко да се обидат да стават крај на конфликтот што го предизвикаа проруските сепаратисти во источна Украина и анексијата на Крим.

Во 2014, Оланд, во консултација со германската канцеларка Меркел, ги покани Путин и неговиот украински колега Порошенко во обид да стават крај на конфликтот што отворено започна таа година

Полуофицијален состанок меѓу претставниците на Германија, Русија, Украина и Франција, одржан на денот на прославата на 6 јуни, стана познат како „Нормандиски формат“. Во рамките на оваа дипломатска иницијатива беа одржани голем број состаноци, кои продолжија до февруари 2022 година, неколку дена пред Русија да ја нападне Украина.

Оваа година рускиот претседател е прогласен за персона нон грата. Париз дури отфрли какво било руско претставување на комеморациите на Денот Д, спротивно на неговата првична намера.

„Условите не се исполнети со оглед на војната за агресија против Украина, која се интензивираше во последните недели“, рече портпаролот на францускиот претседател.

Од друга страна, претседателот на Украина Зеленски ќе биде присутен покрај Макрон, Бајден и европските лидери. На плажите во Нормандија, западот сака да покаже дека е пообединет од кога било во однос на Русија и за поддршката за Украина.

Идното отсуство на ветерани

Оваа 80-годишнина од Денот Д ќе означи и нова пресвртница, како најверојатно последна годишнина на која ќе бидат присутни ветераните.

По осум децении, одбележувањето на Денот Д сè уште е жив и се почитува меѓу народите и посебно кај францускиот народ, вели историчарот Пешански.

„Прашањето за пренесување на оваа историја на следната генерација е добро поставено и навистина асимилирано. Има вистински ентузијазам и веројатно нема никогаш да избледи“, вели Пешанки.

Зачлени се на нашиот е-билтен