Земјите од Г7 ќе преземат мерки против кинеските финансиски институции кои и помогнаа на Русија да набави оружје за војната против Украина, се вели во нацртот на конечната декларација во која имале увид западни медиуми.
Во нацртот, лидерите на Велика Британија, Канада, Франција, Италија, Германија, Јапонија и САД, исто така, ветуваат дека ќе воведат санкции против субјектите кои и помогнале на Русија да ги заобиколи нафтените санкции.
„Ентитетите, вклучително и финансиските институции, кои го олеснуваат купувањето на предмети или опрема на Русија за нејзината одбранбена индустриска база ги поддржуваат акциите што го поткопуваат територијалниот интегритет, суверенитет и независноста на Украина“, стои во нацртот на конечната декларација.
Самитот на Г7 се одржува во одморалиштето Борго Ењација во јужниот италијански регион Пуља.