Кинотеката на Република Северна Македонија во среда, на 29 март, во 12 ч. во киносалата ќе го промовира своето најново печатено издание, автобиографијата на големиот шпански режисер Луис Буњуел, насловена „Мојот последен здив“, со што ова значајно дело конечно ќе стане достапно на македонски јазик.
Издавањето на книгата е овозможено благодарение на Шпанската агенција за меѓународна соработка и развој (AECID) и Амбасадата на Кралството Шпанија во Република Северна Македонија.
Се работи за книга на еден од најзначајните режисери во историјата на филмската уметност, напишана пред самиот крај на неговиот живот, во Мексико, со помош на францускиот писател и сценарист Жан-Клод Кариер, негов постојан соработник, косценарист на сите филмови од последната, „француска“ етапа во кариерата.
Книгата ќе ја промовираат историчарот на уметност и заменик-амбасадор во Шпанската амбасада во Скопје – Ернесто Eредеро дел Кампо, проф. д-р Иван Џепароски од Филозофскиот факултет при УКИМ и доц. д-р Атанас Чупоски, советник филмолог во Кинотеката и професор на Факултетот за филмски уметности при Универзитетот Еуропа Прима, кој воедно е автор на предговорот.
Уредник на изданието е директорот на Кинотеката, Владимир Љ. Ангелов, преводот од англиски јазик е на Марија Цветковска, лектурата на д-р Сузана В. Спасовска, а дизајнот на м-р Игор Сековски.
„Мојот последен здив“ е само едно во низата изданија што Кинотеката ги објави последниве месеци, меѓу кои се веќе промовираната филмолошко-наратолошката студија на Атанас Чупоски – „Иницијација и Покајание. Доминантни топоси во наративниот дискурс на современиот руски филм“ и филмолошката студија на реномираната бугарско-британска историчарка на филмот Дина Јорданова – „Кинематографијата на другата Европа. Дејноста и уметноста на источноевропскиот и средноевропскиот филм“, која наскоро ќе биде промовирана заедно со стручното списание за филм што Кинотеката редовно го објавува – „Кинопис“.