Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Анкета на ЕПИ: Граѓаните веруваат дека надворешната политика влијае врз нивниот живот

Голем дел од граѓаните веруваат дека надворешната политика влијае врз нивниот секојдневен живот, но сложеноста на дипломатските преговори, меѓународните договори и стратешките сојузи обично се надвор од секојдневните искуства и грижите на обичните граѓани, што им отежнува целосно да ги сфатат или да се чувствуваат поврзани со овие прашања, покажуваат резултатите од четвртата Дебатна анкета спроведена од Институтот за европска политика (ЕПИ) – Скопје.

Истражувањето, како што информираат оттаму, било спроведено во соработка со Лабораторијата за делиберативна демократија (Deliberative Democracy Lab) од Универзитетот „Стенфорд“ од САД.

„Првичната анкета беше спроведена на репрезентативен примерок од 1.001 испитаник од целата држава, а дебатниот настан се одржа во Скопје со 135 испитаници. Избраните 135 граѓани учествуваа на дводневен настан, каде што се информираа на темите, дискутираа помеѓу себе и поставуваа прашања на панел- дискусии составени од експерти, по што повторно ја пополнија истата анкета. Првично, малку повеќе од половина од испитаниците (51,1 отсто) верувале дека надворешната политика на Република Северна Македонија влијаела на нивниот секојдневен живот“, наведено е во соопштението.

Оттаму оценуваат дека иако граѓаните можеби не ги препознаваат секогаш непосредните ефекти на надворешната политика, дискусиите можат да го подобрат нивното разбирање за нејзината важност за нивните секојдневни искуства.

„На прашањето за конкретни пресвртници во процесот на интеграција на Република Северна Македонија во ЕУ, на пример кога земјата доби статус на кандидат и кога почна скрининг-процесот за пристапување во ЕУ, значителен број учесници правилно ги идентификуваа овие настани. Дебатата имаше позитивен ефект врз зајакнувањето на знаењето за овие пресвртници, со благо зголемување на точните одговори потоа“, информираат во ЕПИ.

Анкетата уште еднаш ја потврдила високата поддршка на граѓаните за членството во ЕУ и НАТО на граѓаните. 58,4 отсто од граѓаните изјавиле дека целосно ги поддржуваат интеграциите на земјата во ЕУ, а 18,4 отсто рекле дека го поддржуваат членството во Унијата. Од друга страна, 11,6 отсто до граѓаните рекле дека воопшто не ги поддржуваат европските интеграции.

Преземено од МЕТА.мк

Зачлени се на нашиот е-билтен