Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Утре излегува новиот роман на Игор Ангелков „Ветрилиште“

Igor Angjelkov 2 @photo by Maja Argakijeva
Igor Angjelkov 2 @photo by Maja Argakijeva

Книгоиздателството „Или-Или“ најави дека утре излегува од печат на новиот роман „Ветрилиште“ од Игор Анѓелков. Со новата книжевна објава авторот прославува неколку јубилеи: десеттата издадена книга, петтиот роман, книжевно полнолетство (осумнаесет години од објавувањето на дебитантската збирка раскази „Кротки приказни“), и сето тоа на неговиот педесетти роденден.

Најавата за „Ветрилиште“ вели:

„Секоја приказна треба да има почеток, средина и крај, но не секогаш по тој редослед, велеше Жан Лик Годар. Овој роман се одвива за време на едно деноноќие (па ни толку!) во животот на Борис, или ако повеќе сакате, на Писателот. Не е експериментален во формата, туку си тече класично, од почеток до крај, без поместувања во зацртаниот редослед, освен ако не се земат предвид постојаните размислувања и реминисценции во однос на нештата што се случуваат околу главниот протагонист, кои вешто ги испреплетуваат минатото, сегашноста и иднината, што работите ги прави неизвесни. Но, она што е сосема извесно е дека оваа приказна започнува и завршува со пеењето на еден петел-ранобудник: Кукуригууууууууу…“

Во поговорот во книгата, нашата еминентна писателка и критичарка Оливера Ќорвезироска нагласува:

„Петтиот роман на Игор Анѓелков, неговата десетта книга, и покрај бруталната искреност и соголувањето и на текстот и на авторот, успева да ја зачува потентната „недореченост“ како внимателно одбран крај. Но, тоа е тоа што текстот и го заслужува и го бара од финишот. Романизирајќи го сето она што сите го помислуваме или го премолчуваме, Анѓелков останува доследно недоследен, свој, автентичен, изграден и неодминлив романсиер во современата македонска книжевност од последните речиси две децении. Оксиморонот „доследно недоследен“ совршено го надополнува „издвојувањето на несекојдневното за да се исцрта што пореално токму секојдневното“ како негово творечко кредо. На читателите им останува да решат дали (не)добивањето награди ќе го сфатат како секојдневна или како несекојдневна практика во домашниот културен контекст. И, што е уште поинтригантно, прашањето што останува да лебди над „Ветрилиште“, но и над сите нас, е дали и што можат да променат наградите кога доаѓаат или кога не доаѓаат? Дали ним им е понеопходна книжевноста отколку што тие ù се неопходни нејзе?“

Игор Анѓелков досега ги објавил следните дела: „Кротки приказни“ (раскази, 2006), „Крај-пат“ (роман, 2010), „Фото синтеза“ (роман, 2013), „Филм.мкд“ (филмска есеистика, 2015), „Филмски град“ (филмска есеистика, 2018), „Шрапнел“ (роман, 2020), „Филмотопија“ (филмска есеистика, 2022), „Двојна експозиција“ (раскази, 2022), „Мина“ (роман, 2023).

Зачлени се на нашиот е-билтен