Чупеска: Без европскиот пат можеме да се најдеме во состојба на авторитаризам што може да доведе до меѓуетнички тензии

Во Годишникот на Фондацијата за европски прогресивни студии, меѓу другото, се тврди дека умерените и прогресивните гласачи во државите членки на ЕУ имаат добри изгледи за победа на европарламентарните избори кои ќе се одржат од 6 до 9 јуни годинава.

Проф. Д-р Ана Чупеска во интервју за ЦИВИЛ МЕДИА појасни дека се работи за главен тинг-тенк што ги снабдува европарламентарците од левиот и социјалдемократскиот блок со предлог политики што им помагаат на прогресивните сили во ЕУ и да им понудат подобри решенија и политики.

„Во Европа не е сѐ изгубено во смисла на прогресот иако тоа, на пример, кај нас доминантно се форсира како теза. Напротив, тоа не е така. Голем дел од европското население точно ја препознаваат важноста на прогресот и опасноста од радикализирање на некои политички формации“, изјави професорката Чупеска пренесувајќи ги заклучоците од последниот состанок на Фондацијата во Брисел.

Чупеска истакна дека во прогресивното крило во рамки на ЕУ како никогаш до сега се ангажирани во реализирање на проширувањето на Унијата.

„Високо на агендата останува проширувањето. Ова од многу причини се случува, прво геополитички, а потоа секако тие со себе носат и вредносни експозиции во смисла на демократскиот наспроти недемократскиот свет“, истакна Чупеска.

Европската политичка унија има цел да направи резилиентност во однос на сите авторитарни егзибиции и инфицирања кои што доаѓаат од другите светови, кои знаеме кои се“, вели Чупеска за иницијативата на францускиот претседател Емануел Макрон, на која се работи веќе две години, како нов формат на политичко здружување во Европа.

Оценката за општествено политичката состојба во Северна Македонија во овој период, е поларизација на високо ниво, како што вели професорката, состојба на статус кво во кој што ништо не се случува.

„Ние сме самоблокирани во тој наш стратешки пат. Тоа во никој случај не може да биде добро за нашата земја. Земјата и нашите стратешки партнери толку години вложуваа во афирмација на европската агенда. Сега последната врата што треба да се затвори и да се субјективизира тоа наше, нели, во демократски и мирен поредок. Не сме во некоја поволна положба, но се надевам дека на претстојните избори граѓаните ќе ја сфатат важноста колку е добро и колку е битно за стабилноста, развојот и напредокот да го откочиме тој процес, да ја отвориме таа врата што самите ја затворивме“, истакна Чупеска.

За Чупеска немањето европски пат, макар и во преговарачки услови, можеме да се најдеме во ситуација на зголемување на авторитаризмот и состојба која може да доведе до меѓуетнички проблеми и тензии.

„Нема субјект во албанскиот електорат кој не е за членство во ЕУ. Кај македонската популација, исто така, сѐ уште е голема поддршката за ЕУ, меѓутоа еден корпус на гласачи се секојдневно инструирани и се предмет на испирање на мозок со дезинформативни содржини и со обезвреднување на ЕУ, евроскептицизам, а за жал и некои од научните кругови ги поддржуваат овие идеи и сугерираат приклучување кон БРИКС што е нон сенс од многу причини“, децидна е Чупеска.

Зборувајќи за националистичките и пропагандни наративи, како и за дезинформациите, во изборен контекст, Чупеска вели дека компромисите што ги направивме за остварување на нашата стратешка цел, членство во ЕУ, сега се злоупотребуваат и бара сериозен одговор.

„Секојдневното пресретнување на дезинформациите треба да биде истовремено со секојдневното бомбардирање со факти. Па дури би рекла и пропагандна афирмација на  она што е точна информација, на она што е вистина. Ќе биде жестоко во претстојниот период. Апелирам граѓаните да внимаваат што читаат, од што се информираат, да не запаѓаат во тие информативни дисонанци“, вели професорката.

„Сега како никогаш досега ни е потребна една обединувачка платформа и најважно од сѐ, токму членството во ЕУ е најобединувачкиот можен пункт низ кој што ние можеме да продолжиме напред“, заклучи Чупеска.

Биљана Јордановска

камера и монтажа: Ариан Мехмети
фотографија: Дехран Муратов

Треба да знаете
Moже да ве интересира